Search

Судењето за терористичките напади во Брисел ќе чини над 35 милиони евра

Судењето за терористичките напади во бриселското метро и на националниот аеродром, што се случи во 2016 година, ќе чини 35,3 милиони евра, покажуваат документите на белгиското Министерство за правда.

Тоа ќе биде најскапото судење во историјата на Белгија, при што ќе бидат сослушани повеќе од 350 сведоци.

Белгија одлучи судењето да се одржи во старите простории на НАТО. Потребно беше целосно да се реновира и адаптира зградата, која го доби името Јустиција, а се наоѓа на излезот од Брисел.

Во изборот на таа локација улога имаше и обезбедувањето на судењето.

Значителен дел од сумата наменета за судењето е наменета за комуникации, плати за преведувачи, хонорари на поротници, додека во цената од 35,3 милиони евра не се вклучени трошоците за агентите за обезбедување.

Се очекува судењето да биде едно од најдолгите во белгиската историја и би можело да трае девет месеци.

Во терористичките напади во Брисел на 22 март 2016 година, загинаа 32 лица, а 340 беа тешко ранети на аеродромот Завентем и на метро станицата Малбек, на неколку стотини метри од населбата каде што се лоцирани европските институции.

Одговорноста за нападот тогаш ја презеде Исламска држава, истиот џихадистички огранок одговорен за нападите во Париз на 13 ноември 2015 година, чии речиси сите членови беа од бриселската област Моленбек.

Треба да знаете
Последни објави