Search

Сугарески: Авиосообраќајот е високо на нашата агенда, оваа година ќе се воведат 8 нови дестинации до атрактивни европски градови

Сугарески: Оваа година ќе се воведат 8 нови дестинации до атрактивни европски градови

Според договорот потпишан со Владата, авиокомпанијата „Виз ер“ е обврзана од јули оваа година да стартува и со директни летови за Охрид од германските градови Меминген и Дортмунд, како и да воведе редовни летови од Турку, Финска и од Ларнака, Кипар за Скопје

Од меѓународниот аеродром “Скопје” од денеска има редовна авиолинија до Баден-Баден. Првиот авион на “Виз ер” од типот “ербас А 321# со 195 патници од скопскиот аеродром за познатиот германски спа-центар полета напладне, а оваа рута ќе биде опслужувана два пати неделно, секој вторник и сабота.

Утре напладне, пак, на скопскиот аеродром ќе слета авионот на “Виз ер” од германскиот град Бремен, со што нискобуџетната авиокомпанија ќе реализира уште две нови авиолинии од скопскиот аеродром од вкупно четири на колку што е обврзана со договорот за субвенционирање на летовите што го има со Владата.

– Баден-Баден и Бремен се двете нови редовни линии на “Виз ер” од меѓународниот аеродром “Скопје”, кои ќе функционираат преку целата година. Веруваме дека овие дестинации ќе бидат интересни за нашите патници, дека ќе ги користат често и ќе доживуваат нови патувачки авантури. Со додавањето на Баден-Баден и Бремен, бројот на дестинации до Германија станува 10. Со отворањето на новите рути, “Виз ер” исто така ќе го базира својот петти авион во базата на скопскиот аеродром, што е многу важен чекор напред за авиокомпанијата, покажувајќи ја нивната посветеност на постојани инвестиции во нивната база во Скопје, изјави Неџат Курт, координатор на аеродромите во ТАВ Македонија.

Билетите за двете нови дестинации до Баден-Баден и Бремен се веќе во продажба преку веб-сајтот на “Виз ер”.

Со додавањето на Баден-Баден и Бремен, како нови дестинации, сега меѓународниот аеродром “Скопје” е директно поврзан со 39 дестинации, на кои оперираат 13 авиокомпании.

Се зголемува бројот на редовни авиолинии и од охридскиот аеродром “Свети Апостол Павле”. По вчерашното слетување на првиот авион од шведскиот град Малме, денеска стартуваше и линијата за Милано. Летовите од и кон овој италијански град до 30 овој месец ќе се реализираат секој вторник и сабота, додека од 1 април во понеделник и во петок. Со додавањето на Малме и Милано како нови дестинации, авиокомпанијата „Виз ер“ сега од аеродромот „Св. Апостол Павле“ оперира на пет редовни линии и тоа за Виена, Базел, Цирих, Малме и Милано. Охридскиот аеродром сезонски е поврзан со уште осум дестинации и тоа со Амстердам, Брисел, Тел Авив, Варшава, Катовице, Истанбул, Ајндховен и Талин, што ги реализираат 11 авиокомпании.

Според договорот потпишан со Владата, авиокомпанијата „Виз ер“ е обврзана од јули оваа година да стартува и со директни летови за Охрид од германските градови Меминген и Дортмунд, како и да воведе редовни летови од Турку, Финска и од Ларнака, Кипар за Скопје.

– Верувам дека вака поставените политики ќе ги оправда плановите на министерството, а тоа се воспоставување на нови дестинации за граѓаните, како и зголемување на бројот на туристи. Тоа што сакам да го потенцирам е фактот дека имаме континуиран раст на бројот на патници. Очекувам таа бројка годинава да достигне над два милиона што дополнително не охрабрува да размислуваме дека капацитетите на двата аеродрома се неискористени, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и најави дека ќе се работи на привлекување на што повеќе авиокомпании.

Во јануари и февруари годинава вкупно 305.246 патници патувале преку двата аеродрома во државата, што претставува пораст од седум проценти. Минатата година на двата аеродрома биле опслужени 2,3 милиони патници што претставува годишен пораст од 16 проценти.

Треба да знаете
Последни објави