Search

Студија на Реактор: Жените извршуваат 72,5 отсто од неплатената работа за грижа

 Во просек, жените во земјава извршуваат 72,5 отсто од вкупната неплатена работа за грижа, додека придонесот на мажите едвај надминува една четвртина од вкупниот обем на работа. На дневна основа, во споредба со мажите, жените трошат 18 пати повеќе време за миење садови, 12 пати повеќе време за чистење, девет пати повеќе време за готвење и три пати повеќе време за грижа околу децата, покажуваат резултатите од  студијата што ја спровел „Реактор-истражување во акција”.

-Официјалната статистика за Северна Македонија, според спроведените анкети за користење на времето, понатаму ја потврдува стереотипната родова поделба и покажува дека во просек мажите трошат повеќе време на платена работа (вработување), додека жените посветуваат повеќе време на неплатена работа за грижа. Во еден работен ден, во просек 70,9 отсто од времето поминато на работа за мажите се компензира со плаќање, додека само 37,6 отсто од времето што жените го поминуваат на работа е платено, се вели во студијата.

Од Реактор истакнуваат дека речиси две години од почетокот на пандемијата со Ковид 19, состојбата продолжува да ги акцентира  нееднаквостите во сите сфери на живеењето, а родовата нееднаквост станува уште понагласена.

-Кога станува збор за балансирање на одговорностите меѓу родителите, сегашното законодавство не дава можност за заеднички модели на родителско отсуство, кои ќе ја земат предвид улогата на двата родители во грижата и воспитувањето на децата и ќе овозможат споделување и комбинирање на родителско, татковско и породилно отсуство според потребите на родителите, како на мајките така и на татковците.  Во оваа насока, неодамнешната студија на Реактор која се фокусира на искуствата и ставовите поврзани со учењето на далечина во основните и средните училишта потврдува дека жените, односно мајките/женските старатели биле убедливо примарните негуватели за нивните деца додека училиштата беа затворени (поради КОВИД-19 пандемијата), посочуваат од Реактор.

Според резултатите од направеното истражување, доколку неплатената работа за грижа од страна на жените во Северна Македонија се вреднува со минимална плата, таа би имала монетарна вредност од 1,917,895,508 евра, што е 17,18 отсто од бруто домашниот производ (БДП) на Северна Македонија за 2019 година. Имајќи го предвид сето ова, велат од Реактор, време е конечно да ја препознаеме вредноста на неплатената грижа и да почнеме да се грижиме за неформалната економија на грижа.

Ова се дел од наодите од новата студија на Реактор – Истражување во акција, насловена Мажите и грижата (МиГ): Грижлив маскулинитет во Северна Македонија, која се фокусира токму на овие аспекти, и претставува сеопфатен извештај кој меѓу другото ги разгледува и родовите јазови во платената и неплатената работа, и се осврнува на мажите и грижата, како и политиките за родителско и татковско отсуство.

Според Реактор, студијата уште еднаш потврдува дека се неопходни итни промени во националното законодавство и законите треба подобро да го препознаат споделеното родителско отсуство што ќе им гарантира и на жените и на мажите право на родителско отсуство заради грижа околу децата во раните месеци, а се акцентира и неопходноста од воведување на родово посензитивни политики коишто ги земаат предвид и мажите кога станува збор за грижата за децата.

-Истражувањето нагласува дека државните и приватните политики треба да се насочат кон создавање работни средини кои промовираат и поддржуваат иницијативи за рамнотежа помеѓу работата и животот, како што се воспоставување установи за згрижување деца (градинки) во рамки на работните простории, флексибилни работни аранжмани, двојно родителско отсуство, безбеден, достапен јавен превоз, пристап до центри за одмор, рекреација и спорт итн, велат од Реактор.

Ваквите политики, според нив, можат значително да го подобрат квалитетот на животот на луѓето, но и нивниот придонес кон општеството и работата.

Треба да знаете
Последни објави