Search

Струмица Никоб подготвена да му врати на Динамо Апелдорн со иста мерка

Македонскиот машки одбојкарски порвак Струмица Никоб утревечер (19 ч.) во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје ќе го одигра реваншот од 1. квалификациско коло во ЦЕВ Лигата на шампионите против холандски Динамо Апелдорн. Пред струмичани е голем предизвик да ја анулираат предноста од максимални 3:0 во сетови која ја стекна холандскиот претставник на првиот меч пред своите гледачи.

Македонскиот шампион верува во својот играчки потенцијал. Очекува заедно со публиката за кој ги отвара ширум вратите во СЦ „Јане Сандански“, а организира и бесплатен превоз за љубителите на одбојката од градот „Под царевите кули“,  да има максимална поддршка од трибините за да му се реваншираат на гостинот од Холандија со иста мерка. Струмичани се оптимисти дека можат да стигнат до т.н. „златен сет“ кој би одлучил за патникот од двомечот во 2. квалификациско коло.

Струмичани за новата пресметка со холандскиот првак се засилени со руските интернационалци Злобин, Михаилов и Лободин.

– Со голема поддршка од нашите навивачи можеме да ја оствариме посакуваната победа. Посилни сме затоа што на овој меч ќе настапат и руските интернационалци кои не играа на првата средба, бидејќи не им беа издадени визи. Ги поканувам сите струмичани и сите од Скопје кои можат да бидат со нас во салата и да не поддржат за да ја оствариме целта еден македонски тим да го мине првото коло во Лигата на шампионите, вели Владо Милев, еден од најискусните одбојкари на струмичкиот тим.

Доколку Струмица Никоб ги помине Холанѓаните, тогаш во вториот квалификациски натпревар за пласман во група ќе се се сретне со Бенфика од Португалија. Во спротивно, струмичани се селат во Купот на ЦЕВ, каде противник ќе им биде Мурсија од Осиек, Хрватска.

 

Треба да знаете
Последни објави