Search

Стојаноска: Заев престани да се пазариш со хероите на слободата и заминувај!

 

Станете сите, еј Македонци, стари, млади и средовечни! Станете сите чесни Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи, Црногорци, Египќани. Станете да си ја одбраниме Македонија.

Зоран Заев навистина можел повеќе, но повеќе во распродажбата на Македонија. Повеќе во рушење на нашето достоинство и уништување на семакедонското. Зоран Заев кој тврдеше дека е на прав пат, сега избира патокази. Не ни треба нас патоказ, нашиот пат го изоделе нашите предци, а дел од нив и изгинале за Македонија. Зоран Заев ги превртува во гробовите нашите херои убиени од фашистички куршум. Денес се пазари и за нашиот јазик и за нашата историја. Македонија не е пазар, Македонија не е на Зоран Заев. Македонија е наша и стануваме во нејзина одбрана, сега, за да не биде предоцна.

Гостивар е градот кој даде петстотини животи за слободна Македонија во време на антифашистичката народно ослободителна борба. Затоа Гостивар вечерва е на нозе и затоа цела Македонија е на нозе. Спроти нас е споменикот на Чеде Филиповски Даме. Сеуште има живи потомци Чеде и сеуште има живи следбеници на неговото дело. Историјата е запишана на хартија, но историјата на Македонија е и во нашите срца. Оттаму не можете да ја избришете. Зошто боли, потсетува, опоменува, но и казнува. И ќе го казни секој еден кој сака или че се обиде да ја измени. Тука во Гостивар, утрешниот ден вторник е пазарен ден. Уште од вечерва вредните пазарџии, земјоделци и прекупци се подготвуваат за утрешниот пазар. Местото на Зоран Заев не е ниту на еден ваков пазар, затоа што таму продаваат чесни и вредни луѓе, зошто таму се продаваат производи од вредните раце на македонскиот земјоделец. Зоран Заев ништо чесно и со труд нема стекнато во животот, затоа најмалку тој има право да распродава наш имот, наша историја, наш јазик и наша држава. Затоа оттука, од Гостивар, каде мултиетничноста е наше обележје и наша гордост, ти порачуваме тебе Зоране: Да се откажеш од нечесната намера и веднаш да престанеш со твојот пазар! Оттука од Гостивар, мултиетнички и мирољубив, гостопримлив и искрен, ти порачуваме тебе Зоране: Не си играј со коските на мртвите, не си играј со нашата историја, не си играј со нешто што не е само твое. Ја остави Македонија без идентитет и без пари. Тебе и парите не те мотивираат да си ја сакаш државата која тоа ти го овозможи. Но затоа, Македонија има синови и ќерки на кои не можеш ни со пари да им ја купиш гордоста. А нашата гордост е Македонија. Заминувај и отстапи Зоране!

Тоа е најмалото нешто што можеш да го сториш за доброто на Македонија. Оставка и одговорност после неа! Тоа ти следува и само тоа го заслужи. Ова е последната црвена линија преку која нема да те оставиме така лесно да преминеш. Ги погази нашите чувства, го промени нашето насилно вековно име, сега сакаш и јазикот и народот да и избришеш. Нема да ти успее! И нема само што нема да ти успее, туку и ќе одговараш за сето ова. Тоа ти го ветува овој народ овде и насекаде низ Македонија. Сме доживеале многу, ќе го доживееме и денот кога Зоран Заев ќе одговара. Пред тоа прво да си поднесе оставка.

Оставка за Зоран Заев и за сите негови погубни политики. Ви благодарам на сите. Продолжуваме и утре и секој нареден ден се до конечната оставка на криминалецот и антидржавникот Зоран Заев.

Треба да знаете
Последни објави