Search

Стојанов: Никој не знае до кога ќе трае КОВИД-от, но животот мора да тече

КОВИД-19 ги напаѓа и старите и младите, и со коморбититети и без коморбидитети. Нема правило. Ова е сè уште нова инфекција за сите нас, ни треба повеќе време за да направиме релевантни статистики. Излезе дека вирусот се прилагодува и на зимско и на летно време. Сепак, оптимист сум и мислам дека трендот на заболени е во намалување, не во зголемување, вели директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Александар Стојанов.

Во неделното интервју за Радио Слободна Европа, д-р Стојанов истакнува дека медицинските работници се преморени, но не е прашањето само дали тие ќе издржат, туку и дали целокупниот здравствен систем  финансиски ќе може да го поднесе „товарот”.

Медицински персонал не можеме да увеземе, додава Стојанов, а клучно во борбата против КОВИД-19 е почитувањето на мерките за заштита.

Според докторот, сега младите се поактивни и се поизложени на вирусот, а пензионерите повеќе внимаваат. Младите кои ќе завршат на респиратор, предупредува, имаат големи проблеми

-Се трудиме колку можеме. Многу полесно ќе ни беше ако бројките беа двоцифрени, затоа што и болниците ќе се справуваа со помал број пациенти, центрите за јавно здравје помалку ќе тестираа, лабораториите ќе беа покомотни, ама, за жал, еве тоа не се случува. Се случува многу полека, јас пак сум оптимист и мислам дека трендот е во намалување, не е во зголемување, но не е само дали ќе издржиме, прашањето е и дали системот финансиски ќе издржи. Оти правиме многу големи трошоци, а немаме адекватна економска помош. И тој момент мора да се земе в предвид. Мора да се земе в предвид дека луѓето се изморени и им треба одмор на сите, барем по една недела, ние правиме некои напори, да пуштаме луѓе кај што може, но немаме друго решение освен да се работи секојдневно, ние работиме и саботи и недели и празници, нагласува директорот.

Во однос на почетокот на школската година, тој е дециден дека никој не може да каже кога ќе престане целата ситуација или кога бројките ќе се намалат за да биде безбедно одењето на настава, а децата мора да учат. Проблем ќе биде, нагласува, кај класовите со повеќе ученици. Во ваков случај опција би било да се седи помалку на час и да има по три смени или половина одделение да оди на настава една недела, а половина да работи од дома, а потоа обратно. Но, треба да се процени и дали ќе има доволно наставици.

-Децата мора да учат зашто оваа ситуација може да потрае подoлго време. Никој точно не може да каже кога ќе престане ова, кога ќе се намалат бројките за да биде побезбедно одењето во школо. Дали ќе ги држиме децата уште две години дома? Мерките се општи и важат за сите: дистанца, маска и дезинфекција. Но, како тоа да се спроведе во школите зашто и поголемите деца не ги почитуваат мерките, а нешто мора да се направи за да на изостануваат од училиште. Сепак, животот мора да тече, децата треба да бидат образовани. Истото се однесува и на градинките и на школите, вели д-р Стојанов.

За високата смртност во земјава, пак, смета дека има два момента, здравствениот систем и начинот на пријавување. Тој е дециден и гарантира, како што вели, дека од почетокот на епидемијата сè е транспарентно, сè е јавно кажано до детаљ и не е сигурен дека е така и во другите земји.

-Со тешките случаи најдобро се справи здравствениот систем на Германија, со тоа што уште од времето Германија има по глава на жител најголем број на интензивна нега, комплетно опремена со сè што треба. Ние не сме тој тип на држава со такво јако здравство. Другиот момент е што ние уште од почетокот значи сè што почина и во болница и надвор од болница и постмортем им земавме брисови и не сме промашиле ништо, затоа што мислевме дека во семејства каде што ќе почине некој и ако се земе брис и излезе дека е позитивен дека треба да се внимава на контактите, да се изолираат. Знам земји каде луѓе починати надвор од болница не беа воопшто ставени во таа статистика, нагласува директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Александар Стојанов во интервјуто за Радио Слободна Европа. 

Треба да знаете
Последни објави