Search

Сточари и дрвосечачи поттикнати од бразилскиот претседател ги прават пожарите во Амазонија, тврдат еколозите

Пожарите во Амазонија ги предизвикале сточари и дрвосечачи, кои, охрабрени од политиката на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, сакаат да ја обработуваат земјата на која сега има дрвја, тврдат организации за животна средина и истражувачи.

Директорот на програмата „Амазон вол“, Кристијан Пуире верува дека најголем дел од пожарите кои беснеат во амазонската прашума и се видливи од вселената, биле предизвикани од човечки фактор, истакнувајќи дека дури и за време на сушните периоди, во Амазонија, каде има голема влажност, пожарите не се случуваат така лесно.

Тој додава дека земјоделците и сточарите одамна користат пожари како начин за расчистување на теренот.

Пуире истакна дека, во однос на претходните години, нивото на уништување оваа година е навистина високо.

„Амазон е неверојатно важен за нашата иднина, за нашата способност да ги запреме најлошите последици од климатските промени. Ова не е претерување. Ние одиме кон неописливо уништување, не само на Амазонија, туку и на целата наша планета“, предупредува тој.

Дождовната шума во Амазонија произведува околу 20 проценти од светскиот кислород, па затоа често ја нарекуваат и „белите дробови на планетата“.

Бразилската вселенска агенција соопшти дека бројот на пожари во Амазонија е зголемен 83 проценти во однос на минатата година како резултат на сечењето на шумите.

Треба да знаете
Последни објави