Search

Стопанските комори со нови предлог реформи во земјоделскиот сектор

Четирите стопански комори испратија официјален допис до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со цел да се поттикне дискусијата и решавањето на проблемите кои ги засегаат микро, малите и средните претпријатија од земјоделскиот бизнис сектор. Воедно, копија од целосниот допис беше доставена и до кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори.

Преку овие активности стопанските комори повикуваат на конструктивен дијалог за заедничко креирање на сите политики кои ја засегаат бизнис заедницата, со цел да се избегнат непоправливите штети кои би можеле да му се нанесат на македонското стопанство како резултат на законските решенија во кои не се земени предвид сите релевантни фактори.

Тие бараат укинување на скалестиот систем на финансиска поддршка, односно субвенционирање во земјоделството. Понатаму како дел од реформите се осврнуваат на предлози за измена на Закон за семенски и саден материјал за земјоделски растенија и информација за подобрување на конкурентноста на македонското земјоделско производство;

Изминатиот период четирите стопански комори организираа низа информативни настани и форум дискусии во повеќе градови низ државата. Целта на овие настани беше, како што велат, да се слушне гласот на бизнис заедницата и да се даде можност за идентификување на најчестите проблеми од бизнис регулативата кои ги засегаат микро, малите и средните претпријатија. На овие настани учество земаа голем број компании од повеќе сектори.

Активностите се дел од проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, финансиран од страна на УСАИД, а имплементиран од ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал во партнерство со четирите стопански комори: Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија.

Треба да знаете
Последни објави