Search

Столтенберг за војската на Косово: Жалам за одлуката

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг рече дека жали што косовскиот парламент донел одлука за трансформација на косовските безбедносни сили (КБС) во армија и покрај забраната на Алијансата.

„Иако трансформацијата на КБС во принцип е нешто за кое одлучува Косово, ние јасно ставивме до знаење дека потегот доаѓа во погрешно време“, порача Столтенберг.

Тој додаде дека НАТО и понатаму, преку КФОР, останува посветен на безбедноста и сигурноста на Косово и стабилноста на Западен Балкан.

„Сите страни мора да осигураат дека денешната одлука нема дополнително да ги зголеми тензиите во регионот. Сите одговорни политички актери мораат да се сосредочат на напредокот на реформите и дијалогот“, истакна шефот на НАТО.

Тој го повтори повикот до Белград и Приштина да останат смирени и да се воздржат од било какви изјави или акции кои би можеле да доведат до ескалација на односите.

„НАТО продолжува да го поддржува дијалогот на Белград и Приштина под покровителство на ЕУ, како единствено одржливо политичко решение за регионот“, заклучи Столтенберг во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави