Search

Стоилковски: Непотизмот во М-НАВ царува, се поднови со 24 партиски војници

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на прес конфернција праша „Има ли пилот во државата“ со потпрашање за, како што ја нарече,  македонската навигацијата за непотизам односно- Македонската Неофицијална Агенција за Вработување, М-НАВ.

-Само во оваа 2018 година македонската навигација се поднови со 24 нови партиски искусни кадри, меѓу кои има и искусни имиња како роднината на министерот за земјоделство или пак партнерот на Заев, Стојанче Ангелов. Состојбата во М-НАВ е толку алармантна и очигледна што комисиите за вработување дојавувале во медиумите за притисоците кои што морале и да се оправдуваат зошто не се примени лица кои што не исполнувале услови, па потоа на повторни огласи истите лица да морале да добијат вработување. На листата на нововработени синови, ќерки, браќа, сестри и внуци во М-НАВ, каде што платите се неколкукратно повисоки од просечната, се и син на директор на социјалните фондови, сестра на вицепремиер, внуци на директор на телекомуникациски оператор и на партиски-коалициски партнер, син на пратеничка итн., вели Стоилковски.

Тој побара М-НАВ веднаш да ги соопшти имињата на новите вработени од оваа година и да ги каже критериумите според кои тие се примени, односно дали освен нив имало други пријавени на конкурсите кои немале квалификации како избраните?

– Ги повикуваме надлежните институции да отворат истрага по наводите за непотизам и можната корупција при овие вработувања во М-НАВ. Дури и министерот за земјоделство си призна дека негов роднина е вработен таму. Но и за него, како и за мајката на Костадин Костадинов, или пак за сестрата на Кирацовски, или за редица други од партискиот клан велат дека не станува збор за непотизам туку за неопходни кадри! А во М-НАВ се насобрал толку неопходен партиски кадар што и новата сопствена зграда не ги собирала па ќе се селеле под кирија, на локација добро позната на директорот! Ете тоа се европските вредности на СДСМ, тоа е тој пат, навигација кон ЕУ и НАТО, тоа е борба со непотизмот, партизацијата, обемноста на администрацијата и кои ли се празни флоскули и ветувања ги даваа истите овие напикани во криминогената власт кои што сега не се ни кријат ниту имаат потреба да понесат одговорност за девастацијата на Република Македонија, вели Стоилковски.

Според него, М-НАВ ги отсликува црнилата во кои што СДСМ ја втурна државата.

-М-НАВ може да се препознае во секоја владина агенција, министерство, локална самоуправа. Со ваква Навигација по која сега се движи државата, таа не може да заврши поинаку освен во се подлабока дупка.Република Македонија не заслужува таков пат, Република Македонија заслужува многу подобро, заклучи портпаролот.

Треба да знаете
Последни објави