Search

Стерјовски во албанскиот Парламент побара преминот Џепиште – Требиште да функцонира 24 часа

Прашањето околу потребата граничниот премин Џепиште – Требиште, на македонско – албанската граница, кој областа Голо Брдо ја поврзува со Дебар, со барање за итно решавање, на седница на албанскиот Парламент го актуализира пратеникот Васил Стерјовски од име на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ и по барање на Македонците од оваа област.

Потсети дека владите на двете земји на заедничката седница одржана во Поградец на 15 декември 2017 година донесоа одлука граничниот премин Џепиште – Требиште да работи 24 часа, но за жал, вели, „ова одлука сеуште не е спроведена”.

-Македонска алијанса за европска интеграција бара од владата на Република Албанија и Владата на Република Македонија овој граничен премин што побрзо да фукционира 24 часа и од локален премин од трета категорија, да премине во регионален премин од втора категорија. Со ова ќе му се помогне на населението од областа Голо Брдо на економски план, бидејќи ќе се зголеми економската соработка меѓу жителите од двете страни на границата, со што економски ќе зајакнува и ќе се развива оваа област во целина, порача Стерјовски.

Потсети дека по долгогодишното барање на жителите од двете страни на границата и благодарение на лобирањето на Македонска алијанса за европска интеграција кај албанската и македонската влада во 2013 година се отвори граничниот премин Џепиште – Требиште.

Појасни дека граничниот премин е од локален карактер со заедничка полициска контрола и тука може да минуваат само жителите од пограничниот регион од двете држави. Работи од 8 до 20 часот во летниот период и од 8 до 18 часот во зимскиот период.

Посочи дека овој граничен премин ги оправда очекувањата дека ќе го олесни животот на Македонците во Голо Брдо и ќе придонесе за развој на областа на Голо Брдо, посебно на административната единица Требиште.

-Од самото отворање на овој граничен премин ниту едно семејство не е иселено од Требиште и Македонците тука почнаа да ги реновираат и да градат нови куќи. Најголема корист Македонците од Голо Брдо од овој премин имаат посебно во зима кога се случува областа на Голо Брдо поради снегот да се блокира со месеци и поради амортизираната патна мрежа, без асфалтирани патишта комуникацијата со Буќиза (најблизок албански град) е многу тешка. Тогаш на Македонците им е многу полесно, на само 15 км оддалеченост, да пазарат и да се лечат во Дебар, Македонија, рече тој.

Според Стерјовски, друг проблем за Македонците од областа на Голо Брдо е што овој премин е од локален карактер и само за жителите од пограничниот регион на двете држави.

-Македонците кои живеат во Голо Брдо и на кои во личната карта им пишува дека се родени надвор од регионот на Голо Брдо, како на прмер во градовите Елбасан, Либражд или Тирана не може да поминат на овој граничен премин. Овој проблем ќе се реши кога од локален премин од трета категорија, ќе премине во регионален премин од втора категорија, нагласи Стерјовски.

Треба да знаете
Последни објави