Search

Стафансон: Треба да ги убедите земјите членки дека е добро да бидете во ЕУ

Европската комисија не е таа која ги носи конечните одлуки за членство во ЕУ туку земјите членки. За процесот на проширување денес не можеме да зборуваме со ентузијазам, постојат популистички сили насекаде низ Европа кои добиваат сила и многу поголем скептицизам и поголем надзор над државите кандидати. Затоа секоја земја кандидат треба да направи се што може да ги убеди државите членки дека постои додадена вредност од нејзиното членство во ЕУ и дека законодавството што сте го усвоиле се применува.

Ова го истакна шведскиот амбасадор Матс Стафансон на денешната промоција на поддршката што Шведска и Норвешка ја даваат за зајакнување на капацитетите на собраниската Комисија за европски прашања за евроинтеграцискиот процес на земјата.  

Стафансон потсети дека Северна Македонија бележи сериозен напредок во последно време посебно кога станува збор за подобрување на односите со земјите во регионот. Преспанскиот договор со Грција и Договорот со Бугарија, оцени шведскиот амабасадор, беа неверојатни постигнувања и добар пример за регионот како целост. Потпишувањето на Пристапниот протокол со НАТО е доказ за ваквите постигнувања, а следниот период најитни задачи на кои земјата мора да се фокусира е исполнување на итните реформски приоритети формулирани од Прибе.

-Следните седмици и месеци ќе бидат навистина важни за вас. Ги охрабрувам институциите да ги спроведат сите овие итни реформи, владеењето на правото е темелот на едно општетство, а тоа може да се одржува само со ефективно судство. Постојаниот статус на СЈО е битен и клучен, можноста да се гонат сите дела, како и борбата против организираниот криминал и корупцијата. Постојат уште важни чекори да ја постигнате вашата цел, но со напорна работаа таа е нешто што може да се постигне. Цврсто ја поддржуваме вашата перспектива и веруваме дека идното членство на Северна Македонија е од интерес како за вашата земја така и за ЕУ, рече Стафансон.

Норвешкиот амбасадор Арне Бјорнстад, чија земја не е членка на Унијата, истакна оти се надева дека земјата ќе пристапи во ЕУ што е можно побрзо.

-Веројатно можам да кажам дека ќе станете членка на Унијата пред Норвешка, можеби ќе и се придружиме на Унијата за време на вашето претседателство со неа, се пошегува Бјорнстад.

Претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби на новинарско прашање изрази увереност дека Законот за СЈО, како и реформските закони кои ги врати претседателот Иванов, дел од кои се услов за датум за преговори, ќе бидат усвоени на време и покрај малото време кое останува за тоа пред претседателските избори.

-Законите што ги врати господинот Иванов сите ќе поминат на седниците закажани веќе во Собранието на повторно гласање. Двотретинските закони, како што кажа порано и спикерот Џафери ќе бидат објавени во службениот весник. Во однос на законот за јавното обвинителство запопчнати се разговорите со опозцијата и се надеваме низ конструктивна дебата ќе најдеме консензулано решение за усвојување на овој закон вклучително и за судбината на СЈО, рече Груби.

Тој и колегите пратеници на промоцијата побараа од ЕУ да го одржи зборот и по испорачаните резултати и таа да испорача датум за преговори.

-Македонија ги очекува преговорите во јуни, ние тоа го заслуживме. Македонија ги исполни критериумите од Копенхаген, но тоа не беше доволно и се побара дополнителен услов со решавање на спорот за името. Тоа беше како да ви покажат еден висок ѕид и да ви речат прескокнето го, ние не можејќи да го прескокнеме поминавме низ ѕидот и се здробивме, но живи сме и продолжуваме со борбата. Апсолутно исполнивме се, сега е ваше да си го одржите зборот. Без датум за преговори во јуни тоа ќе биде драма за нас, но и пошироко во регионот, рече Лилјана Поповска од ДОМ.

Според Сашо Василевски од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Република Македонија направи премногу, а со имплементацијата на Преспанскиот договор вели, не бевме здробени, бевме сатанизирани, и затоа какво било одложување на преговорите во јуни ќе биде несериозно.

-Македонија и треба на Европа како срце. Како лекар ќе кажам детето се носи девет месеци, ако го продолжите овој проблем значи имаме патолошка пребеност и тогаш ќе се јават проблеми и вантрешни и политички и регионнални, но вашата поддршка за Македонија ќе биде стабилен регион и мирно пловење на овој регион, рече Василевски.  

Проектот финансиран од двете скандинавски земји има за цел да го подобри зајакнувањето на капацитетите за ЕУ-преговори на собраниската Комисија за европски прашања како матична за усвојување на ЕУ-законодавството, на СЕП и на МНР преку пружање техничка помош. На локално ниво ќе се фокусира на зајакнување на инфраструктуарта во помалку развиени општини и на нови вработувања. Ќе се спроведува во наредните две години.

Треба да знаете
Последни објави