Search

Стартуваше субвенционирањето за раст на плати, компаниите ќе аплицираат во УЈП само со образецот за пресметка на плата

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска денеска на прес конференција го презентираа новиот Закон за субвенционирање на придонеси за раст на плати којшто стартуваше од неодамна. Министерката Царовска ги повика компаниите да ја искористат оваа мерка за којашто рече дека директно ги поттикнува и подржува работодавачите да ги зголемат платите на работниците.

“Зголемувањето на платите директно ќе влијае на подобрување на економскиот стандард на вработените и поттикнување на економскиот раст и развој. Ваквото законско решение е на барање и е подготвено во соработка со бизнис секторот, пред се со работодавачите од трудоинтензивните дејности и истото предвидува субвенционирање на придонесите од страна на државата за плати зголемени од 600 до 6000 денари” рече министерката Царовска. За оваа намена во Буџетот за 2020 година се обезбедени 2,4 милијарди денари и овие средства ќе се уплаќаат како придонеси во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и во Агенцијата за вработување. Директорката Лукаревска истакна дека Управата за јавни приходи и Министерството за труд и социјална политика водеа сметка работодавачите на наједноставен начин да можат да го искористат ова право, при што законските одредби и софтверското решение овозможуваат користење на субвенционирањето со самото поднесување на МПИН пресметката до Управата за јавни приходи. “Барањето за субвенционирање на придонеси работодавачите го поднесуваат преку месечната пресметка за интегрирана наплата (образец МПИН), со внесување на ознака за лицето за кое побаруваат субвенционирање на придонесите по основ на зголемување на плата. Со внесување на шифрата, Управата за јавни приходи за конкретното лице (осигуреник) и за работодавачот, ја проверува исполнетоста на законските услови и во Декларацијата за прием дава известување до работодавачот”, рече Лукаревска.

Законот за субвенционирање на придонеси за раст на плати ќе се спроведува во следните три години и субвенциите може да се користат независно од висината на платата.

Треба да знаете
Последни објави