Search

Српското собрание ќе расправа за Договорите од иницијативата „мал Шенген” меѓу Србија и Северна Македонија

Српското собрание на денешната седница ќе расправа за Предлог-законот за потврда на договорот меѓу Владата на Република Србија и Владата на Република Северна Македонија за заемно признавање на квалификувани услуги од доверба, јави дописникот на МИА од Белград.

При преставување на договорот пред пратениците, министерот за финансии Синиша Мали, кажа дека договорот ќе има влијание врз стопанските субјекти на двете земји, кои во меѓусебната деловна соработка ќе преминат на електронско работење, што е побрзо и поефикасно од класичната трговија.

– Преку овој договор ние ги прифаќаме нивните квалификувани услуги, тие нашите и со тоа создаваме услови за забрзување на електронската трговија и тоа е дел од мини-Шенгенот, голема иницијатива што ја започна претседателот Александар Вучиќ, која е насочена кон забрзување на стопанската, економската, социјалната соработка меѓу трите земји на Западен Балкан со цел дополнително забрзување на економскиот раст на сите три земји, кажа Мали.

– Меѓусебното признавање исто така значи дека граѓаните и деловните субјекти од една земја ќе можат да ги користат онлајн услугите на друга земја, односно ќе можат да се идентификуваат преку своите шеми за електронска идентификација, кои се подеднакво прифатени и во двете држави, оцени Мали.

Тој исто така кажа дека услугите на една земја ќе бидат достапни и во друга земја, што ќе има позитивно влијание врз економскиот развој на обете држави.

Мали, пред пратениците го објасни и Предлог-законот за потврдување на дополнителниот Протокол 6 за трговија со услуги на договорот за измени и пристапување на договорот за слонободна трговија во Централна Европа.

– Поентата и основниот мотив за подобрување на меѓусебната соработка и поблиското поврзување во нашиот регион е севкупниот развој и модернизација на нашите општества, односно благосостојбата на сите наши граѓани, кажа Мали.

Тој објасни дека целта е сите наши граѓани полесно да комуницираат, полесно да се поврзат, да патуваат, да најдат работа и да купат производи од непосредното опкружување без непотребни намети.

Во исто време, истакна Мали, Протколот 6 од ЦЕФТА-спогодбата се однесува на либерализација на трговијата со услуги, со што се зголемуваат можностите за зајакнување на економската соработка во регионот на Западен Балкан.

-Ова е токму една од најважните цели и идеи на иницијативата што неодамна ја покрена претседателот на Република Србија Александар Вучиќ, заедно со премиерите на Република Албанија Еди Рама и Република Северна Македонија Зоран Заев, кажа Мали.

На дневен ред на денешната седница на српското собрание се и други меѓународни договори на Србија, кои предвидуваат стимулирање на растот на претприемништвото, подобрување на бизнисот на домашните компании, особено на извозот.

Треба да знаете
Последни објави