Search

Српски туристи цела ноќ чекале за влез во Грција пред да се затвори границата

Огромни редици возила и заглавени автомобили во неутралната зона, беше рано утрово сликата на грчко- бугарската граница, откако српски туристи уште од полноќ пристигнале на граничниот премин Промахонас (Кулата) и чекале речиси цела ноќ, за во Грција да влезат пред шест часот, односно пред да стапи во сила забраната за влез на државјани на Србија, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми околу 40-50 автомобили со туристи од Србија, во поголемиот број семејства биле заглавени во неутралната зона на бугарско – грчката граница, откако не успеале да влезат во Грција пред шест часот.

По реакциите од туристите, од грчка страна, како што објави телевизијата „Open”, околу 8 часот утрово, бил направен исклучок, рампата била крената и оние кои биле заглавени меѓу двата гранични премини започнале да влегуваат во Грција.

Дел од српските туристи, за грчките медиуми велат дека тргнале од Белград, одморот им бил планиран од претходно, а цела ноќ чекале за влез .

-Решени сме да чекаме, додека не нѐ пуштат, вели туристка од Србија за грчката телевизија ЕРТ, која објаснува дека чекаат над седум часа, односно на границата стигнале на полноќ.

Алтернативната портпаролка на грчката Влада, Аристотелиа Пелони, вчера попладне соопшти дека од 6 часот утрово, до 15 јули 2020 година, во Грција ќе биде забранет влез за српски државјани, а официјална Атина во соработка со експертите ја следи епидемиолошката ситуација во ЕУ и останатите земји во светот.

-Во овој контекст, Грција, во соработка со партнерите во Европската унија го задржува правото да ја ревидира нејзината политика. Врз основа на анализата на епидемиолошките податоци, беше одлучено да се одложи, од понеделник 6 јули 2020 година во 6 часот до 15 јули, влезот на државјани на Србија во Грција, од сите влезни точки. Единствен исклучок се есенцијалните причини за влез, соопшти Пелони.

Треба да знаете
Последни објави