Search

Српската опозиција (СзС) бара смена на министерот за екологија и прогласување на вонредна состојба заради загадувањето

Пратеничката група на опозицискиот Сојуз за Србија (СзС) побара од градоначалникот на Белград, Зоран Радојичиќ, веднаш да прогласи вонредна состојба заради огромното загадување на воздухот, изјави шефот на пратеничката група и потпретседател на Народната странка (НС), Никола Јовановиќ.

-Бараме и разрешување на министерот за заштита на животната средина Горан Триван, директорот на Агенцијата за заштита на животната средина Филип Радовиќ, како и директорот на Градскиот институт за јавно здравје, Душанка Матијевиќ, кажа Јовановиќ.

Тој истакна дека е апсолутно неприфатливо републичките и градските власти да не преземаат ништо и да ја игнорираат ситуацијата која има директен и погубен ефект врз здравјето на луѓето во Белград.

-Особено е катастрофално тоа што на три термоцентрали во околината на Белград (ТЕНТ А, ТЕНТ Б и Колубара) им недостасуваат филтри за десулфуризација, а Владата на Србија дава пари за стадионот во Сурчин, кои би биле доволни за да се реши овој проблем, рече Јовановиќ.

Тој додаде дека покрај проблемот со недостаток на филтри, загадувањето на воздухот во последниве денови е зголемено и како резултат на инверзија на температурата и од индивидуалните ложишта, но и поради слабиот проток на сообраќај во градот, што е резултат на криминалната реконструкција на улиците.

Како што јави вчера дописникот на МИА од Белград, заштитникот на граѓаните Зоран Пашалиќ иницираше процес на контрола на српското Министерство за животна средина, поради тоа што „министерството нема споведено конкретни мерки во долг временски период” во врска со поплаките на граѓаните за прекумерното загадување на воздухот.

Треба да знаете
Последни објави