Search

Српската опозиција потпиша документ за слободни и фер избори и слобода на медиуми

Српската опозиција во пресрет на денешните протести во Белград потпиша документ за заедничките услови за спроведување слободни и фер избори. Во документот се бара редовно учество на опозициските партии, здруженија и движења во информативните програми на јавните медиумски сервиси, како и учество во дебатните емисии на Радио – телевизија Србија и Радио -телевизија Војводина.

Во документот под наслов „Заеднички услови на опозицијата за спроведување слободни и фер избори”, се бара секојдневно информирање на јавноста на јавните сервиси за активностите на владејачките партии и на опозицијата најмалку 30 минути.

Исто така, претставниците на опозицијата бараат спречување злоупотреба на избирачкиот список преку воведување кривична одговорност на одговорниот министер, доколку списокот се најде кај неовластени лица, како и спречување злоупотреба на јавните ресурси во изборната кампања.

Опозицијата бара и промена на составот на Регулаторното тело за електронски медиуми заради доследна примена на овластувањата на тоа тело во контролата на електронските медиуми.

Договорот го потпишаа претставници на Сојузот за Србија, Демократската партија на Србија, Нова странка, Социјалдемократската партија, Иницијативата „Да не го давиме Белград”, Демократската заедница на Унгарците во Војводина, Граѓанската платформа и Движењето на центарот и движењето „Доста беше”. Граѓанското движење 381 учествуваше во изготвувањето на документот за изборни услови, но во последен момент се повлече од потпишувањето.

На прес – конференција, пратеничката Мариника Тепиќ истакна дека барањата на опозицијата можат да се сумираат во две основни барања, а тоа се – слободата на медиумите и почитувањето на предизборниот, изборниот и пост-изборниот процес. Опозицијата бара контрола над изборниот процес, особено на територијата на Косово, појасни Тепиќ.

Претседателот на ДСС Милош Јовановиќ рече дека е трагичен фактот што опозицијата во 2018 година во Србија се бори за елементарни услови за фер и демократски избори, а Константин Самофалов од СДС посочи на нападите врз опозициските политичари и новинари.

Дел од опозициските пратеници во српскиот Парламент ги повикаа граѓаните да дојдат вечерва на закажениот протест пред платото на Филозофскиот факултет во Белград.

И Лидерот на Двери Бошко Обрадовиќ ги повика граѓаните да се приклучат на протестот наречен „Еден од петте милиони” и да испратат порака дека не е нормално да не се почитува барањето за запирање на насилството.

Минатата сабота во Белград беше организиран протест под името „Стоп на крвавите кошули”, по повод нападот на лидерот на Српската Левица, Борко Стефановиќ, кој е еден од лидерите на Сојузот за Србија.

Треба да знаете
Последни објави