Search

Српската опозиција ги повика сите парламенти во Европа на соработка за солидарност со српскиот народ

Обединетата опозиција на Србија (УОС) испрати писмо до претседателите на парламентите на сите европски земји, во кое повикува на соработка за сите прашања поврзани со „зајакнување на солидарноста со народот на Србија” и враќање на земјата на европскиот пат.

Во писмото, пренесено од агенцијата Бета, се наведува дека Србија „повеќе нема легитимен парламент” и дека УОС е „отворена за разговори за политичката состојба во Србија преку видео конференција или алтернативни средства за комуникација”.

-За таа цел, со почит би ве замолиле да го испратите ова писмо до шефовите на парламентарните одбори во вашите земји задолжени за надворешни односи, европски работи и човекови права, како и да ги информирате сите членови на парламентот за ова писмо, се наведува во текстот.

Во писмото се наведува дека „состојбата со демократијата и човековите права во Србија е на најниска точка во историјата” и дека државата влегла во „нова фаза на заробување на државата во скоро сите области на општеството”.

-Ова се однесува особено на владеењето на правото, парламентарните демократски практики, спроведувањето на меѓународните препораки за спроведување слободни и фер избори, вклучително и оние наведени од ОБСЕ / ОДИХР, борбата против корупцијата и организираниот криминал и воспоставувањето охрабрувачко опкружување во кое е можно остварување слобода на изразување без мешање, се додава во писмото.

УОС наведува дека последните парламентарни и локални избори биле спроведени „со негирање на значителни епидемиолошки закани за јавното здравство предизвикано од пандемијата Ковид-19, како и дека ниту еден орган или земја-членка на ЕУ не изјави дека изборите биле „слободни и фер”.

-Како демократска опозиција, ние јасно ставивме до знаење дека процесот и резултатот од овие „избори” ги сметаме за нелегитимни … Официјалните резултати покажуваат дека Александар Вучиќ, заедно со сегашните коалициони партнери, директно ќе контролира околу 230 од 250 места во Народното собрание. Составот на скоро сите општински собранија е сличен или уште полош. Во Европа, гледајќи ги овие резултати, Србија во ова е надмината само од Белорусија, оценувааат од УОС.

Во писмото се додава дека „демократската опозиција во Србија денес работи надвор од парламентот”, дека се свесни за тешкотиите предизвикани со вонпарламентарните активности, со оценка дека владејачката Српска напредна партија „ефикасно го има запрено секој напредок кон европската перспектива на Србија”

-Искрено го поздравивме зголеменото внимание на членовите на Европскиот парламент за растечката криза во Србија и би сакале да ја искористиме оваа можност да потенцираме дека исто така би го поздравиле и вашиот иден ангажман, додадоа од УОС.

Писмото го потпишаа Јован Јовановиќ (Граѓанска платформа), Зоран Лутовац (Демократска партија), Арон Чонка (Демократска алијанса на унгарците во Војводинска ), Слободан Самарџиќ (Државотворно движење Србија), Вук Јеремиќ (Народна партија), Славиша Ристиќ (Движење на Србите од Косово и Метохија „Отаџбина”), Јанко Веселиновиќ (Движење за пресврт), Лидија Мартиновиќ (Движење слободна Србија), Жељко Веселиновиќ (Обединети синдикати на Србија „Слога”), Драган Ѓилас (Партија на слобода и правда), Ана Сантрач (регион Шумадија) и поранешниот пратеникот Ѓорѓе Вукадиновиќ. 

Треба да знаете
Последни објави