Search

Српската Влада усвои лекс специјалис за станбените кредити во швајцарски франци

Српската Влада денеска го усвои предлог-законот за конверзија на станбени кредити индексирани во швајцарски франци, со кој се предвидува преостанатиот дел од долгот на граѓаните да се конвертира во евра, со што износот добиен со конверзија ќе се намали за 38 отсто.

Законот треба до крајот на оваа недела да биде доставен до Собранието.

Српскиот министер за финансии Синиша Мали истакна дека со оној лекс специјалис се решава проблемот, кој постои повеќе од една деценија, и оти му претходеле тешки преговори, но најдено е компромисно решение.

– Овој лекс специјалис е компромисно решение меѓу неколку заинтересирани страни – граѓаните, односно здруженијата кои ги претставуваат, банките и државата, нагласи Мали.

Тој информира дека со законот се опфатени сите корисници, кои и натаму се задолжени во швајцарски франци, без оглед на висината на долгот.

Предвидено е остатокот од долгот да се конвертира во евра, како и тоа износот добиен со конверзија да се намали за 38 проценти.

– Дополнително олеснување  претставува што пресметката на конверзијата се врши на износот без затезни камати, вели Мали.

Нацрт-законот превидува дека каматната стапка не може да биде поголема од 3,4 отсто плус тримесечен или шестмесечен ЕУРИБОР, односно фиксна каматна стапка не може да биде повисока од четири проценти.

Во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, банката е должна на корисникот да му достави понуда за склучување нов договор.

Предлог-законот ќе овозможи да се реши проблемот на околу 16.800 српски граѓани, кои се задолжени во швајцарски франци. 

Треба да знаете
Последни објави