Search

Српската амбасадорка во Загреб одби да прими протестна нота од Хрватска

Хрватското Министерство за надворешни работи соопшти дека ја повикале српската амбасадорка Мира Николиќ за да изразат протест поради обидот за ненајавено и незаконско влегување на припадници на српската армија во таа држава. Според хрватски медиуми, амбасадорката одбила да ја прими протестната нота.

Хрватската страна го осуди обидот да влезат припадници на српската армија „без знаење и согласност од хрватските власти и без да се следи пропишаната постапка за најава”, како и дека Министерството изразило протест и настанот го смета за провокација со цел да се испровоцира инцидент.

„Ова е уште една потврда дека Србија не е подготвена да се соочи со сопственото минато и одговорност за војните во 90-тите години”, се вели во соопштението на хрватското Министерство.

Кадети од Воената академија заминаа за Хрватска во саботата со намера да присуствуваат на богослужба за жртвите во Јасеновац, но беа вратени од преминот Батровци – Бајаково.

Делегацијата беше запрена и претресена.

Хрватскиот премиер Андреј Планковиќ рече дека станува збор за „ненајавено, непријавено и неодговорно пристигнување за престој во областа Јасеновац”, односно провокација.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека полициската станица во Новска била известена многу порано за посетата на делегацијата на српската армија.

Треба да знаете
Последни објави