Search

Средба на Џафери со стипендист во германскиот Бундестаг

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со избраниот парламентарен стипендист во германскиот Бундестаг за 2020 година, Елена Митричка. На средбата присуствуваше и Мики Милковски, заменик на генералниот секретар на Собранието на Република Северна Македонија, Катрин Фринсфелд, аташе за култура и Марија Мицевска Кокаланова, Координатор на ИПС програмата во Амбасадата на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија.

Претседателот Џафери ја истакна долгогодишната пракса и позитивните искуства од досегашните стажирања на ИПС стипендистите од 2009 година во Собранието на Република Северна Македонија, непосредно пред нивното заминување во Сојузна Република Германија и додаде дека на тој начин, им се овозможува поподготвени да ја започнат праксата кај германски пратеник во Бундестагот. Тој посочи дека Собранието во континуитет учествува во промоцијата и мотивирањето на младите лица активно да се пријавуваат за користење на оваа стипендија, а по нивното враќање да ги споделат стекнатите искуства од нивното работење во Бундестагот.

Г-ѓа Фринсфелд се заблагодари за реализацијата на денешната средба и за овозможувањето на парламентарна пракса, која полека станува убава традиција за избраните стипендисти во Собранието на Република Северна Македонија. Многу е важно стипендистите добро да се вклопат во работата на Бундестагот и да остават одличен впечаток кај германските пратеници. Од друга страна, ова стажирање во Бундестагот, на стипендистите кои доаѓаат од соседни земји им помага поблиску да се запознаат и да надминат некои анимозитети кои ги имале претходно меѓу себе, да се поврзат во една поголема мрежа на стипендисти и активно да делуваат во своите матични земји и во регионот пошироко.

ИПС е традиционална активност на германскиот Бундестаг, која заедно со Техничкиот универзитет, Слободниот универзитет и Универзитетот Хумболт од Берлин, дава можност на младите луѓе со завршено универзитетско образование кои доаѓаат од земјите од Југоисточна Европа да се запознаат со парламентарниот систем на Германија. Во Република Северна Македонија, проектот се реализира од 2001 година, а заклучно со програмата за 2020 година, досега од земјата учествувале 52 стипендисти. Стипендистите работат со пратеници на германскиот Бундестаг, кои имаат особен интерес за развивање на односи со земјите од Западен Балкан, а посебно со Република Северна Македонија. Програмата на Собранието на РСМ која започна да се спроведува од 2009 година, е дванаесетта програма за запознавање на овие стипендисти со работата на Собранието на Република Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави