Search

Средба на Џафери со делегацијата од Парламентарното собрание на НАТО

Политичката ситуација во земјата, регионалните односи, економските реформи и односи со НАТО биле тема на денешната средба на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери со членовите на Делегацијата на поткомитетот за транзиција и развој на ПС на НАТО која е во дводневна работна посета на земјата во контекст на подготовката на Извештај што ќе биде разгледан на есенската сесија на Северноатлантската алијанса во Лондон.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери, изразил благодарност до Делегацијата за покажаниот интерес и тоа во ваков клучен момент за земјата, кога се прават завршните чекори пред полноправното членство во НАТО и отворањето на преговорите за членство во Европската унија.

-Во минатиот период земјава се наоѓаше пред навистина тешки меѓутоа неопходни одлуки, кои мораа да се донесат за доброто на граѓаните и за доброто на државата, имајќи предвид дека членството во НАТО и ЕУ се наши стратешки определби за кои постои широк политички консензус уште од самото осамостојување, посочил Џафери.

Тој ги информирал членовите на Делегацијата за забрзаната динамика на ратификацијата на Протоколот во националните парламенти и констатирал дека проактивното вклучување во настаните на НАТО, во мисиите на НАТО ја демонстрира на дело нашата подготвеност и заинтересираност да соработуваме и придонесуваме во стабилноста и безбедноста на регионот на рамноправен, ефективен и транспарентен начин.

Членовите на Делегацијата се интересирале конкретно за активностите на Собранието во насока на донесување на реформските закони. Армонаите, која е член на Делегацијата, подвлекла дека иако е направено многу во однос на реформите за НАТО, сигурна е дека тоа не е крајната цел, односно целосното евроатланско интегрирање, и се интереирала за тоа кои се клучните реформи кои треба се направат во иднина.

Претседателот Џафери при тоа образложил дека три се областите во кои се работи моментално, односно правда, безбедност и медиуми.

-Во однос на првата област, каде што спаѓаат и човековите права и слободи, веќе е донесен нов инклузивен Закон за борба против дискриминацијата според нотираното во извештајот на Европската Комисија, а донесени се и првата група двотретински закони за судовите и обвинителството, се прават консултации за донесувањето на втората група двотретински закони за кривичниот законик и специјалното обвинителство. Во однос на реформите во безбедноста, донесен е закон со кој се формира Оперативно техничка агенција, со нов систем на контрола на прислушувањето, а на надлежните собраниски комисии им се зголемува одговорноста во однос на надзорот на работата на оваа Агенција и веќе се поднесуваат првите извештаи. Што се однесува на медиумите, веќе има нов дополнет и изменет Закон за медиуми, појаснил Џафери.

Членовите на Делегацијата се интересирале и за воениот капацитет и подготвеноста на Армијата на Република Северна Македонија за приклучување на НАТО, за соработката со другите парламенти во регионот и пошироко, и за тоа колку нашето полноправно членство во НАТО и ЕУ ќе придонесе на младите и интелектуални сили да им се отвори патот кон светот или пак да се анимираат да останат и го дадат својот придонес во земјата.

Одливот секако не може да се спречи затоа што слободата на движење е неспорна меѓутоа, безбедноста, напредокот и стандардот што се воспоставува со нашето евроатланско интегрирање, секако ќе направи нашите млади да се враќаат или пак да не заминат воопшто, посочил претседателот на Парламентот Талат Џафери, стои во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави