Search

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на „Македонија 2025″

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари средба со дел од основачите и членовите на одборот на организацијата „Македонија 2025″.

На средбата соговорниците го информираа претседателот Пендаровски за осмото издание на Самитот „Македонија 2025″, кој се одржува од 13-ти до 15-ти ноември во Скопје и кој служи како платформа за споделување на знаења, поврзување на бизнисите и инспирирање иновации и промени во Југоисточна Европа. На средбата беше посочено дека годинава на Самитот се очекуваат над 50 истакнати говорници и стотици високи гости од бизнис сферата. Во фокусот на Самитот ќе бидат иновациите и нивното влијание врз намалување на загадувањето на животната средина и воздухот, како и иднината на работните места и вештините, глобалните економски и геополитички трендови и можностите за финансирање на малите и средни претпријатија.

Претседателот Пендаровски на средбата ја поздрави работата на „Македонија 2025″, којашто преку Самитот ги одразува желбите, волјата и решеноста на македонската дијаспора активно да се вклучи во градењето на иднината на Северна Македонија. Претседателот Пендаровски посочи дека постојат многу можности и потенцијали за соработка и дека истите е неопходно да се искористат преку интензивирање на соработката меѓу бизнис заедниците во земјата и во дијаспората.

Треба да знаете
Последни објави