Search

Средба на претседателот на Собранието Џафери со британскиот амбасадор Лосон

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска имаше средба со британскиот амбасадор во земјава Метју Лосон и заменик-директорот за Западен Балкан во Форин офисот, Дејвид Рајли, на која присуствуваа и амбасадорот на Словачка во Скопје, Хенрик Маркуш, постојан координатор на ОН во земјава, Росана Дуџак и Ирена Стевчевска, програмски менаџер во Британската амбасада.

Џафери на средбата ги запозна присутните со тековните собраниски активности и приоритетите за идната работа на Собранието и неговите комисии, како и за реализирањето на задачите и обврските на Собранието во скрининг процесот во рамките на севкупната европска агенда на земјата.

– Од своја страна, што впрочем беше и целта на оваа средба, присутните гости го информираа претседателот Џафери за проектот Национална стратегија за развој на РСМ 2023-2043, која заеднички веќе 2 години се подготвува од UK AID (Програма на Британското министерство за надворешни работи која дава помош на цивилното општество во постигнување на висок демократски развој) и Министерството за финансии на Словачката Република, а се имплементира преку УНДП и ОН, односно нивните претставништва во земјава. Досега се изготвени 23 тематски анализи, одржани се 30 визионерски работилници со учество на над 2,000 граѓани, а концептот на активности се базира на тематски работилници на кои сите политички и општествени чинители се повикани да дадат свој придонес во градењето на оваа Стратегија, се наведува во денешното соопштение од Кабинетот на Џафери. 

Амбасадорите ги презентираа основните цели на Стратегијата и придружните активности за нејзина реализација, и воедно побарале поддршка и инклузивност на Собранието во овој процес. Инклузивноста би подразбирала вклученост во програмските и проектните активности на претседателот на Собранието и претставниците од сите парламентарни политички партии, со цел од страна на Собранието да се дадат предлози, видувања, проекции кои ќе станат составен дел на Националната стратегија, а за кои ќе биде обезбеден широк парламентарен политички консензус.

Претседателот на Собранието, Џафри, прелиминарно даде лична поддршка на оваа Стратегија и предложил основни препораки за начинот и модалитетите како истата да се спроведе и во рамки на Собранието, со целосна вклученост на парламентарните политички партии и административниот капацитет на Собранието, по истиот модел како што тоа досега се реализира преку другите проекти конципирани и имплементирани од меѓународните партнери и донатори на Собранието.

– Соговорниците во текот на разговорот споделија видувања и ја оценија како одлична соработката со Вестминстер Фондацијата за демократија (WFD), проектот на Швајцарската Влада, НДИ и други, кои преку бројни проекти придонесуваат во јакнење на капацитетите на собраниските комисии, собраниската служба и политичките партии, а во насока на обезбедување на ефективно спроведување на клучните функции на Собранието и квалитетно застапување на интересите на граѓаните, се подвлекува во соопштението. 

Треба да знаете
Последни објави