Search

Србија отвори две нови поглавја од преговорите со ЕУ

Србија попладнево отвори две нови поглавја во преговорите со ЕУ, иако Белград сметаше дека може да отвори повеќе.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, на денешната Меѓувладина конференција беа отворени поглавјата 17, кое се однесува на економската и монетарна политика и 18 за статистиката.

– Можевме да отвориме две поглавја затоа што има добар напредок во економската и монетарната политика, поглавје 17 и статистиката, поглавје 18. Напредокот во овие поглавја е клучен за натамошни структурни реформи и економски раст во Србија, изјави евркомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.

Тпј при тоа повика реформите и економскиот раст да бидат одржливи.

– Поглавјето 17 бара од Србија да го подготвува годишниот буџет и реформи на транспарентен начин и во консултација со сите актери и со ЕУ, изјави еврокомесарот.

Српската министерка за Европа, Јадранка Јоксимовиќ изрази задоволство што денеска беа отворени уште две поглавја, иако, рече Србија сметала оти „може да отвори и повеќе”.

Таа додаде дека неколку земји на ЕУ сакале денеска да бидат отворени три поглавја со Србија, но не ги именуваше.

– Поглавјата 17 и 18 се навистина важни поглавја, рече Јоксимовиќ, додавајќи дека Србија е предводник на економската трансформација во регионот и увери дека земја ќе продолжи да се усогласува со ЕУ во деловите за фискалната одговорност, како и за економската и макроекономската стабилност.

Поглавјето 18, според неа, исто така е многу важно за да може да се измери „до каде сме во квалитетот на живот”, како и во споредбата со стандардите во ЕУ.

Досега Србија отвори вкупно 16 поглавја во преговорите, од кои две се привремено затворени, а нови најверојатно ќе бидат отворени во првата половина на 2019 година.

Австриската министерка за надворешни работи, Карин Кнајсл, ги поздрави напорите на Србија во „борбата против корупцијата, подобрувањето на владеењето на правото и судството”, како и денешното отворање на двете поглавја и изрази „искрена надеж” дека Србија и Косово ќе се ангажираат во дијалогот за нормализација на односите.

Јоксимовиќ од своја страна посочи дека нејзината земја е „загрижена” од тоа што „продолжува да го прави Приштина”, алудирајќи на царините врз српски и босански производи. Според неа, во Приштина се најавуваат и нови мерки.

– Нам не ни е важно да ни се прават отстапки, бараме да се почитуваат принципите и тие да им станат блиски и на другите, посебно на Приштина, а и на Албанија, со оглед на тоа што таа ги поддржаа овие неевропски мерки на Приштина, изјави српската министерката.

Еврокомесарот Хан повтори дека ЕУ бара укинување на царините, но рече дека и од Косово имало поплаки, без да прецизира кои.

Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини денеска исто така ја повика Приштина да го повлече царините, поради кои сега е закочен дијалогот помеѓу Белград и Приштина.

Треба да знаете
Последни објави