Search

СП 2018: Новата голема Франција или златната генерација на Белгија?

Уште само четири натпревари останаа до крајот на Светското првенство во Русија, а пред нас е првиот полуфинален меч, оној кој ќе ни го открие првиот финалист. Вечерва со почеток од 20:00 часот, ќе се сретнат селекциите на Франција и Белгија, две репрезентации од кои и се очекуваше да се најдат во оваа фаза од натпреварувањето.

 

Франција ќе се бори за своето трето финале на Мундијалите, додека Белгија ќе се обиде да дојде до првото финале на натпреварувањето помеѓу најдобрите репрезентации во светот.

Франција беше помеѓу главните фаворити

Франција е репрезентација од која се очекуваше да ја нападне светската титула, откако пред две години ја освои титулата вицешампион на Европа. Станува збор за репрезентација која ја поседува можеби и најголемата ширина во играчкиот кадар, во однос на сите репрезентации во светот. За потсетување, во тимот на оваа Франција за ова Светско немаше место за Тони Марсијал, Кингсли Коман, Лаказет, Бензема, Пајет, Лапорте и други квалитетни играчи.

Сепак, и покрај големиот избор на играчи, селекторот Дидие Дешамп не игра толку убедлив фудбал, но резултатите се на негова страна и се до кога е така – целта ги оправдува средствата. Франција се наоѓа таму каде што ги нема Бразил, Шпанија, Германија, Аргентина и Португалија.

Но, сега пред Дешамп стои веројатно посилен тим, во однос на сите оние со кои Франција се сретна во досегашниот дел од првенството. Белгија пак, веќе се сретна со Англија, која ја победи со 1:0 во групите, а во четвртфиналето го совлада и одличниот Бразил. Најтежок противник за Французите беше Аргентина, и тоа Аргентина во очајна форма, како што веројатно никој не очекуваше пред Мундијалот.

Белгија покажа најмногу

Станува збор за тимот кој досега покажа најмногу на ова првенство. Постигнаа најмногу голови во групната фаза, а потоа со неверојатен пресврт ја поминаа Јапонија во осмина финалето, а во четвртфиналето го елиминираа и првиот фаворит за освојување на Мундијалот, големиот Бразил.

Хазард, Лукаку, Де Брујн и останатите „Црвени ѓаволи“ делуваат како екипа која е навистина подготвена на се. И на посед на топка, на апсолутна офанзива, но и на дефанзива и контра напади. Всушност, тоа е отприлика она што досега Белгија го покажа на овој Мундијал.

Сепак, Франција е поискусна на големите натпреварувања. Французите досега пет пати играа полуфинале и во две ситуации поминуваа во финалето. Од друга страна, Белгија го игра само второто полуфинале. Првото го играа во 1986 година, кога беа поразени, а потоа во дуелот за трето место повторно загубија и тоа токму од Франција.

Но, оваа генерација на Белгија се гради веќе со години, па сите очекуваат дека е време да постигнат нешто големо. Франција пак, има неверојатен број на квалитетни играчи, кои се гладни да кренат големиот трофеј.

Не очекува голем и интересен натпревар, после кој и официјално ќе го добиеме првиот финалист на Светското првенство во Русија.

Треба да знаете
Последни објави