Search

Спираки: На маса се сите парламентарни оружја на Нова демократија

Сите парламентарни оружја се на маса, вели портпаролката на грчката опозициска партија Нова демократија, Мариа Спираки во однос на веројатноста тие да достават иницијатива за гласање недоверба на владата поради Договорот од Преспа.

На денешниот брифинг со новинарите, Спираки уште еднаш повтори дека тие се против договорот бидејќи „е штетен за националниот интерес”  и додаде дека секој пратеник на гласањето за ратификацијата, ќе биде соочен со неговата совест.

-Сите наши парламентарни оружја се на маса. Од почеток укажавме дека сме против Договорот од Преспа, бидејќи им штети на националните интереси. Мислам дека е јасно, и повторуваме дека ако овој договор дојде во Парламентот, секој пратеник ќе се биде соочен со неговата совест,  рече Спираки на денешниот брифинг со новинарите.

Во однос на претстојната посета на грчкиот премиер, Алексис Ципрас на Солун во петок и неговото обраќање, поврзано меѓу другото и со Договорот од Преспа, портпаролката на Нова демократија и европратеничка вели дека Ципрас се обидува да покаже храброст, јави дописничката на МИА од Атина.

-Господинот Ципрас се обидува, уште еднаш, да покаже храброст, одејќи во Солун. Дело на господинот Ципрас и на неговиот коалиционен партнер, господинот Каменос е фактот што во Преспа беше потпишан договорот што му штети на националниот интерес. Негово дело е признавањето на „македонски” јазик и „македонска” националност, рече Спираки.

Треба да знаете
Последни објави