Search

Спасувачка драма во Шпанија – двегодишно дете е заробено во тесен бунар, длабок 100 метри

Спасувачка драма се случува во Шпанија, каде што екипите се обидуваат да извлечат двегодишно дете кое паднало во тесен и многу длабок бунар.Несреќата се случила синоќа во јужната шпанска провинција Малага.

Детето со своето семејство било во близина на селото Тоталан, кога паднало во бунарот, изјави за Си-ен-ен Бернардо Молто, портпарол на спасувачките екипи.

 

Спасувачите не можат да влезат во бунарот, кој е широк едвај 25 сантиметри, а се верува дека е длабок повеќе од 100 метри. Спасувачите спуштија микро-робот со камери во бунарот, но не успеале да го лоцираат момчето.

„Не го најдовме ниту го слушнавме детето, но не се откажуваме, ќе продолжиме да го бараме, колку и да треба време за тоа”, рече Молто.

Тимот за спасување ќе користи алтернативни стратегии за пронаоѓање на детето, вклучително и копање подлабоко во дупката и создавање паралелен тунел кој ќе може да се поврзе со бунарот.

„Наш приоритет број еден е да го пронајдеме и спасиме детето”, рече Молто.

Повеќе од 100 пожарникари спасувачи и вработени во службата за вонредни ситуации во јужна Шпанија се вклучени во потрагата по двегодишното дете.

Бунарот кој е премногу тесен за да може во него да влезе возрасен човек, бил ископан пред еден месец, додека се водело истражување за водата, а по тоа не бил покриен ниту заштитен. Локалната претставничка на шпанската влада, Марија Гамес, изјавила дека пожарникарите со помош на робот-камера, рано утрово пронашле кесичка со бомбони, која детето ја држело во рацете кога исчезнало. Кесичката е најдена на длабочина од 75 метри, а спасувачите не можеле да ја спуштат опремата пониско.

Треба да знаете
Последни објави