Search

Спасовски од Белановце – Станчиќ: Граничниот премин беше успешна завршница и доказ за добрата волја и за исполнување на интересите на граѓаните од двете страни на границата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска оствари работна посета на граничниот премин Белановце – Станчиќ.
Во изјавата за медиумите, премиерот Спасовски објасни дека пуштањето на граничниот премин на 31 јануари е уште еден доказ и пробив напред на исклучително добрите односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово.
„Граничниот премин Белановце – Станчиќ, во Општина Липково, беше успешна завршница и доказ за добрата волја и за исполнување на интересите на граѓаните од двете страни на границата на овој регион. Многу бргу граничниот премин ја потврди својата оправданост зашто во огромна мерка ја подобри меѓусебната комуникацијата на граѓаните на општините Липково и Гнилане. Преминот го олесни поврзувањето за развој на бизнис врските и за економски напредок на локалните заедници во овој регион каде што се поврзуваат Северна Македонија и Косово. За само два ипол месеци, односно од 31 јануари до 14 март годинава преку граничниот премин регистриран е влез и излез на вкупно 47.020 патници, што говори за исклучително оправдани причини за потребата од официјален граничен премин на овој дел од границата”, потенцираше премиерот Спасовски.
Тој изрази жалење што заради мерките за справувањето со последиците од КОВИД-19, преминот беше затворен на 14 март и сѐ уште не е отворен за сообраќај.
„Сепак, во овој краток период и во сложени услови за работење заради пандемијата, и полициската станица за гранични проверки и граничен надзор спречи обид за шверц на поголема количина ресивери, откри едно лице барано за издржување на затворска казна, спречи обид за нелегално минување на државната граница на  шест лица државјани на Северна Македонија, од кои две лица се спроведени во државен карантин, и спречи обид за пренесување на 33 лица илегални мигранти”, објасни премиерот Спасовски.
Тој истакна дека полициските работници, како и здравствените, заедно со припадниците на армијата и другите во секторите справување со закани по безбедноста и здравјето на граѓаните се на првите борбени линии и се најизложени во борбата со коронавирусот и најдобриот начин да им помогнеме е со тоа што ќе ги почитуваме мерките и ќе спречиме бројот на заразени да расте, да обезбедиме функционални институции за да се стави крај на патот на ширење на вирусот.
Тој образложи дека животот мора да продолжи во својата нова реалност и тоа ќе ни помогне бргу да ги прилагодиме нашите политики и да обезбедиме континуитет на растот во повеќе области кои беше во нагорна линија пред да не зафати оваа здравствена и економска криза.

„Општина Липково, секако е една од општините која предничи во однос на бројот на проекти од интерес за граѓаните реализирани со поддршка на Владата. Од двата поголеми и реализирани патни правци се патот по кој дојдовме до овој граничен премин, односно потегот од Опае до Белановце, односно до граничниот премин, како и рехабилитација на регионалниот пат Матејче-Липково, во вкупна вредност од 6,1 милиони евра. Во рамките на програмата за рамномерен регионален развој во општината во последните  две ипол години се реализирани 12 проекти со вкупна вредност од 102 милиони денари: За заштита на животната средина и подобрување на условите за живот и рурален развој; За изградба на фекална канализација во селата Отља, Матејче и Ваксинце; За изградба на ограда околу дворното место и партерно уредување на училишниот двор на основното училиште „Култура” во село Слупчане; за изградба на улица во село Слупчане. Во Липково, преку Проектот за социјални услуги се издвоени средства за градежни работи за изградба, адаптација, доградба или надградба на простор за детска градинка во Липково, и за градежно занаетчиски работи за реконструкција и реновирање на Дневниот центар за лица со посебни потреби во село Оризаре Општина Липково”, акцентираше премиерот Спасовски.
Премиерот Спасовски објасни дека како дел од поширокиот северо-источен регион, општина Липково бездруго има придобивки и од бројните инфраструктурни проекти во регионот.
„Речиси сите регионални патишта околу Куманово коишто повеќе од 40 години и не беа реконструирани се реконструираат, а голем дел од нив се веќе готови. Да ги истакнам патните правци Куманово – Свети Николе, Куманово – Никуштак, Куманово – Опае – Слупчане – Белановце кои се целосно реконструирани, Куманово – Крива Паланка, регионалниот пат од село Војник до Страцин и делницата на Коридорот 8 што ги поврзува Куманово – Страцин – Крива Паланка – граничен премин Деве Баир.
Станува збор за патни инфраструктурни артерии коишто креираат можност за развој на целиот овој регион. Соработка во рамките на прекуграничните региони е исто така еден од клучните приоритети на надворешната политика на Владата на Република Северна Македонија, а градењето добри односи со сите соседи е нашата стратешка определба. Нашата иднина е соработката, нашата заедничка цел се добрите односи, благосостојбата на нашите и на граѓаните на сите наши соседи и придобивките за нив што ќе дојдат од нашето членство во Европската унија. Тоа е добар избор, тоа е добра перспектива за сите нас”, заклучи премиерот Спасовски на крај на својата изјава.
Дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска истакна дека поминавме еден важен период на реформско структуирање на институцијата во која беа поставени темели за натамошно развивање, растење, унапредување на сите нивоа на полициското и безбедносното работење, онака, како што впрочем, ни сугерираа нашите меѓународни партнери од НАТО и ЕУ, но пред сè и онака како што од нас бараа граѓаните на нашата земја.
„На тој пат што заедно го минувавме заедно, денеска сме овде на граничниот премин Белановце – Станчиќ, со претседателот на Владата на РСМ г-динот Оливер Спасовски, инаку во тој период – министер за внатрешни работи, човек кој одблиску ги знае, ги иницираше и спроведуваше процесите за кои што говорам. Бевме соочени со можеби најделикатниот предизвик пред којшто една ваква институција може да се најде – нејзино трансформирање од политички инструментализирана институција, во институција што ќе биде вистински сервис на граѓаните, согласно словото на Уставот и законите”, потенцираше заменичката министерка Петровска.
Таа со гордост истакна дека професионалноста и законитоста во секојдневното работење на Министерството за внатрешни работи станаа објективни двигатели кои ни гарантираат континуитет и успех во натамошното реформирање на полицијата.
„Во оваа прилика сакам особено да ги поздравам напорите, активностите и резултатите од работата на нашите домаќини, колегите полициски службеници од граничниов премин Белановце – Станчиќ од кои што со право очекуваме во периодот пред нас, особено кога состојбите повторно ќе влезат во онаа нормала на секојдневно функционирање, да бидат квалитетен и ефикасен сегмент од граничното полициско работење со оглед на нивниот реален потенцијал. Впрочем фактот дека само за месец и половина работење односно од 31.01.2020 кога беше пуштен за сообраќај овој граничен премин па до затворањето поради мерките за спречување на епидемијата со „КОВИД-19″ на 14.03.2020 година, преку него минале во двата правци речиси 50.000 патници доволно говори за неговите капацитети и оправданост. Во крајна линија оваа полициска организациона единица се етаблираше како битна алка во структурата на работење на Регионалниот центар за гранично работење – Север, не само по однос на регулацијата на патници и стоки преку државната граница туку и во сите оние други полициски активности особено во спречувањето и откривањето на прекуграничните форми на криминал”, истакна Петровска на крај од својата изјава.
Треба да знаете
Последни објави