Search

Спасовски на Шестата министерска конференција од Будимпештанскиот процес

Будимпештанскиот процес две и пол децении опстојува во формулирањето на меѓувладините дијалози, успевајќи да ги препознае и синтетизира различните миграциски политики на државите, надополнети со визијата и мисијата на десетина меѓународни организации што се блиски соработници во градењето заеднички миграциски стратегии, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето обраќање во рамки на Шестата министерска конференција од Будимпештанскиот процес, што се одржува во Истанбул, Турција.

Како што соопштија од МВР, министерот Спасовски посочувајќи го значењето на Будимпештанскиот процес како миграциски дијалог инициран во рамки на Меѓународниот центар за развој на миграциски политики (ИЦМПД) во кој членуваат 53 земји од светот како и десетина релевантни невладини и други организации од областа на миграциите, чиј што претседавач годинава е токму Република Северна Македонија, ја потенцираше исклучителната важност на двата документи кои за време на Конференцијата беа разгледани и усвоени, Министерска декларација под наслов „Заложбите од Истанбул” како и „Повик за акција”.

Ова е прва министерска конференција одржана по шест години од претходната, на која усвоената Декларација има за цел да послужи за идно обликување на миграциските процеси и обезбедување цврста посветеност и соработка од страна на сите земји учеснички во Будимпештанскиот процес, во нивното справување со предизвиците кои ги носи миграцијата.

-Документите што денес ги усвојуваме конечно се вистинска можност за едно сеопфатно управување со миграцијата од сите нејзини аспекти, задржувајќи ја рамнотежата меѓу дијалогот и оперативните активности. Имено, Будимпештанскиот процес ја задржува „големата слика” на сцената на миграцијата, обединувајќи различни миграциски реалности околу една заедничка цел – постојан миграциски дијалог, но тоа е и една од ретките организации финансиски и технички поддржана во сите области на миграцијата, не само во делот релевантен за прашања од безбедноста, нагласи министерот Спасовски.

На маргините од оваа дводневна министерска конференција, од МВР информираат дека министерот Спасовски, остварил билатерална средба со домаќинот на собирот, министерот за внатрешни работи на Република Турција Сулејман Сојлу, на која двајцата министри ја потенцирале извонредната билатерална, партнерска соработка и меѓусебна поддршка не само на двете институции, туку и меѓу двете земји во целина која традиционално е на исклучително високо ниво. Министерот Спасовски остварил средби и со министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто и со Михаил Шпинделегер, генералeн директор на Меѓународниот центар за разговор на миграциска политика (ИЦМПД) .

Треба да знаете
Последни објави