Search

Спасовски на патот Раштак-Бутел: Досега инвестиравме речиси една милијарда во патната инфраструктура

Претседателот на Владата, Оливер Спасовски денеска оствари работна посета на општините Бутел и Гази Баба и направи увид во работите за изградба и проширување на патниот правец Раштак – Бутел.

Во изјавата за медиумите, Спасовски истакна дека ни ова лето не запираат интензивните градежни активности, дури и во вонредни околности, во услови на пандемија не запираат работите на започнатите проекти и се започнуваат нови.

„Се гради низ целата држава, низ сите региони. Капиталните проекти продолжуваат со забрзана динамика. Градиме инфраструктура за сите, во околности во кои максимално водиме грижа за работниците на терен почитувајќи ги мерките за заштита. Тоа е нашата нова реалност, и на овој начин и помагаме на економијата во многу важен период. Досега инвестиравме речиси една милијарда евра во изградба и реконструкција на патната инфраструктура, а во план е да инвестираме дополнителни 2 милијарди во следните неколку години. Инвестициите во инфраструктурата се важни не само за брз и безбеден сообраќај, важни се затоа што отвораат нови работни места, влијаат на движењето на економијата и го подобруваат животот на сите граѓани“, ја истакна посветеноста на Владата во изградба на инфраструктура за сите премиерот Спасовски.

Тој образложи дека овој пат што ги поврзува општините Гази Баба и Бутел преку Раштак беше целосно оштетена и небезбедна сообраќајница.

„Граѓаните во овој регион најдобро знаат колку години се мачеа да патуваат по еден таков небезбеден пат.
Владата преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, даде поддршка за изградба и проширување на патниот правец Раштак – Бутел во должина од 5 километри во висина од 16,7 милиони денари. Патот ќе биде проширен со поставена нова асфалтна подлога, а ќе биде изграден и потпорен ѕид“, образложи премиерот Спасовски.

Тој објасни дека Владата на Северна Македонија на Општина Гази Баба и додели 40 милиони денари за изградба на уште два локални патишта со кои Општината аплицираше.

 

„За изградба на локален пат од Страчинци кон Виниче во должина од 2 километри и за изградба на локален пат од основното училиште во Булачани кон викенд населбата во должина од 1.100 метри. Овие три проекти ја потврдуваат грижата на Владата за секој човек, за секое населено место. Не правиме никакви разлики и вложуваме еднакво за сите граѓани. Ги развиваме руралните места и вложуваме во изградба на неопходната инфраструктура обезбедувајќи достојни услови за живот. Покрај овие патни правци извршивме целосна реконструкција на локалниот пат Јурумлери – Долно Лисиче – Драчево, каде од локален пат полн дупки кои при најмал дожд возилата не можеа да се движат по него, сега е целосно реконструиран со нова асфалтна подлога и целосно безбеден за учесниците во сообраќајот“, акцентираше премиерот Спасовски.

Тој на крај истакна дека денес, инвестициите во инфраструктурата, во патиштата, се инвестиции во подобрата поврзаност, инвестиции во развојот и за нова развојна македонска економија.

„Градиме за да ни се развиваат сите населени места подеднакво и за подобра поврзаност со останатите со што се обезбедуваат услови за силен локален економски развој“, потенцираше на крајот на своето обраќање премиерот Спасовски.

Треба да знаете
Последни објави