Search

Спасовски на донаторската конференција „Заедно за Албанија” во Брисел

Владата на Република Северна Македонија и народот на нашата земја активно ќе учествуваат во координираната донаторска иницијатива за санирање и ублажување на последиците од трагичниот земјотрес – „Заедно за Албанија” и за таа цел е формирана работна група со учество на претставници од релевантни институции, кои ќе изработат план за помош за обнова на земјата и за справување со последиците од земјотресите, порача претседателот на Владата на Северна Македонија Оливер Спасовски на донаторската конференција за Албанија во Брисел.

Во своето обраќање на конференцијата во организација на претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен, на која освен земјите членки на ЕУ учествуваат и земјите од Западен Балкан, премиерот Спасовски истакна дека народот во Република Северна Македонија со голема загриженост го дочека утрото на 26 ноември минатата година и ги следеше информациите за трагичните последици од силниот земјотрес во Албанија во Драч и во околината на овој град.

Уште истиот ден, Владата на Република Северна Македонија донесе одлука тимови составени од 42 припадници на републичките сили за заштита и спасување, координирани од Дирекцијата за заштита и спасување, да заминат за Албанија и да помагаат во координираните акции на спасувачките екипи на локалните власти.
„Во името на солидарноста како темел врз која се гради идејата за Европската Унија, Северна Македонија веднаш упати тимови за прва помош и спасување кои ги ставија на располагање сите свои капацитети, сите свои вештини за да помогнат да се спаси и да се згрижи секој човечки живот и болка. Тоа беше не само професионална должност, тоа беше човечки, солидарен одговор на секој поединец во спасувачките екипи за да им се помогне на луѓето, на нашите пријатели во Албанија во неволја”, истакна премиерот Спасовски.
Владата на Република Северна Македонија истиот ден кога се случи земјотресот донесе одлука да се издвојат шест милиони денари како првична финансиска поддршка за санирање на последиците од земјотресот во Република Албанија.
Спасовски нагласи дека Владата внимателно го разгледа Извештајот за проценката на штетите од земјотресот, подготвен од страна на Делегацијата на Европската Унија во Тирана, и дека е подготвена соодветно да одговори на потребите детектирани во извештајот и да се вклучи во континуираната поддршка и помош за санирање на штетите и за ублажување на последиците од земјотресот.
„Европската Унија, меѓу другото, е заедница на вредности. Една од тие темелни вредности е солидарноста, и оваа конференција потврдува дека земјите членки на Европската Унија, ја негуваат и афирмираат оваа вредност. Република Северна Македонија и Албанија не се земји членки на Европската Унија, но грижата што ја покажува Европската Комисија ги охрабрува владите и народите на овие две земји и им дава за право и охрабрување дека прифаќањето на европските вредности е сериозен влог во нивните аспирации еден ден да го остварат својот стремеж и да бидат рамноправни членки на Европската Унија”, рече Спасовски на донаторската конференција за Албанија во Брисел.
Своето обраќање пред Европската Комисија во Брисел, и пред претставниците на владите на земјите членки на ЕУ и на земјите од Западен Балкан, Спасовски го заврши со пораката во името на народот на Северна Македонија, дека предлогот за новата методологија за процесот на проширување на Европската Унија, донесе нови очекувања, и дека во претстојниот период ќе ја дочекаме убавата вест од Брисел за старт на преговорите.  
Со почит,
Треба да знаете
Последни објави