Search

Спасовски најави мерки за намалување на каматите и запирање на извршувањата

– Врвен приоритет на Владата е да направи сè да се зачува здравјето и животот на граѓаните и тука ги насочуваме сите сили, но исто така е важно да и се помогне и на економијата за да ја одржиме во живот и да опстанат компаниите. Оваа битка мора да ја добиеме и затоа мора да бидеме единствени и сплотени и секој мора да биде солидарен на свој начин, изјави вечерва премиерот Оливер Спасовски.

Солидарноста значи дека тие компании со многу пари и големи профити, рече, не треба први да се јавуваат дека не може да се издржи дури ни во март, а од друга страна, треба да се поддржат малите бизниси  и занаети зашто не можат да опстанат. Рече дека ограничувањата се условени од светските движења, но важно е колку сето тоа ќе го избалансираме и колку државата ќе помогне.

-Тука мора да направиме баланс и на бизнис-секторот да му понудиме јасна визија за мерките и колку сите ќе си помогнеме.  Како Влада понудивме првични сет мерки за кои сметаме дека во прв момент ќе и помогнат на економијата и кои се доволни за првиот удар. Мора да разбереме дека во овие услови секој од нас мора да биде солидарен. Нема држава во светот во која државата сè ќе даде, а економијата и компаниите нема да дадат ништо. Секој мора да понесе дел од овој товар, истакна Спасовски во интервју на Телевизија 24.

Соопшти дека денеска на седница на Влада разгледувале две мерки што ги тангираат граѓаните. Едната е за намалување на законските камати – од 10 проценти да падне на 5 проценти за фирма со фирма и од 10 на 5 отсто од правно кон физичко лице. Втората мерка е да се запрат сите извршувања меѓу фирма – фирма и меѓу фирма – фзички лица. Уредбите за измена на соодветните закони ќе бидат донесени денеска и утре.

На Економскиот совет разговарале за предлози според кои ќе се моделираат идните мерки и рече дека ќе ги имаат предвид и со внимание ќе ги рагледаат сите сугестии, покрај експертските, и оние што доаѓаат од  политички партии, стопански комори, синдикати… Ако помогнат за економијата да има предвидливост и ако се применливи, ќе бидат прифатени и за нив ќе се разговара на идни седници на Владата.

Добри и применливи предлози, рече, има и од економскиот тим на неговата партија СДСМ кои ги соопшти лидерот Зоран Заев. Конкретно, за предлогот на Заев за кратење на платите во јавниот сектор рече дека има визија што треба да се прави, но не сака, како што рече,  да отвора дебата за нешто што не е донесено на Влада.

-Ситуацијата е вонредна и нема потреба од сензационализам и профитерство. Го соопштуваме само она што е донесено, рече премиерот.

Посочи дека дел од капиталните иневстиции мора да продолжат зашто се клучен двигател на економјата, но несуштински трошоци ќе се намалат. Најважно е, рече, прво да бидеме дисциплинирани со мерките за заштита на здравјето.

-Сè ќе зависи од првиот момент, а тоа е здравствената состојба и ширење на вирусот. Затоа е многу подобро за државата ова да биде пократко и да излеземе од оваа вонредна состојба. Затоа повикувам на одговорност и почитување на мерките. Во спортивно, ќе има  експанзија на заразата,  а тоа ќе значи одоложување на периодот на состојбата и несогледливи последици за економијата, истакна Спасовски.

Треба да знаете
Последни објави