Search

Спасовски за МИА: Враќањето странските борци предизвик за државата

 Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во интервју за МИА говори за ризиците од враќањето на македонските државјани кои војувале во странски жаришта. Сепак тој не открива податоци околу тоа колку од тие странски борци допрва треба да се вратат во Северна Македонија, посебно по последната турска офанзива во северна Сирија против Курдите кои ги држат заробени тие странски борци.

Министерот говори и за процесот на ресоцијализација и дерадикализација на тие лица откако ќе се вратат во државата и признава дека во затворите, кои се еден од главните извори на насилни екстремни идеологии, не се прави доволно во овој поглед.

Спасовски во средата во Брисел потпиша акциски план со ЕУ за борба против тероризмот, план кој треба дополнително да ги зајакне македонските институционални капацитети во оваа глобална битка. Министерот нагласува дека стратешките национални интереси на Северна Македонија се НАТО и ЕУ и додава дека важно е сите граѓани да разберат дека отпочнувањето на преговорите или членството Унијата не значи ништо друго, туку примена на мерките и стандарди кои важат во членките на ЕУ. 

Министре прво во однос на најактуелната тема која е нападот на Турција, турската офанзива во Северна Сирија и проблемот којшто може да настане доколку Курдите ги ослободат затворениците, односно потенцијални странски борци повратници. Дали имате сознанија меѓу нив има сѐ уште македонски државјани кои би можеле поради оваа офанзива да се вратат во Северна Македонија?

Генерално кога завршуваат воените дејствија во кое било од тие кризни жаришта тогаш настапуваат полициските активности. Една од тие работи е и повраток на луѓето коишто заминале на воените жаришта. Ние минатата година, заедно со партнерските служби, имавме вратено седум личности коишто биле во камповите во  Сирија, така што и во овој момент има државјани на РСМ  коишто се наоѓаат на воените подрачја во Сирија. Не се исклучува можноста еден дел од тие да бидат вратени и тоа е практично стратегија и на партнерските служби со коишто  работиме заедно да се изврши репатријација сѐ со цел понатаму државата да ги преземе другите мерки коишто од правен аспект, од аспектот на дерадикализацијата, ресоцијализацијата, итн. нешто што  многу интензивно го работиме сите овие изминати години, сѐ со цел  да ги зајакнеме капацитетите, да создадеме можности за ефикасна борба против насилниот екстремизам и против радикализација.

Ќе се навратам на тие мерки за дерадикализација. Сакав прво да прашам дали знаете точно колку државјани на Северна Македонија  би можеле моментално да се вратат, имате ли некакви  бројки?

Имаме  податоци коишто ги имаат Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност  и ние сме во постојана размена на информации како безбедносни служби  на РСМ, така што се знае и бројката на луѓе коишто се наоѓаат на тие подрачја. Меѓутоа оставам за тоа да се завршат процедурите  и на основа на тоа тогаш да  разговараме конкретно со  бројки.

Колку се опасни тие луѓе?

Видете, луѓе коишто ќе се радикализираат се прилично опасни по безбедноста и на околината итн., луѓе коишто после тоа учествувале во воените жаришта во овие држави. Секако дека станува збор и за лица коишто поминале соодветна обука за да можат да бидат во тие воени жаришта. Сето тоа е аспект на контрола која што треба да се воспостави после нивното враќање во државата. Дали тоа ќе биде враќање на некои од камповите дали тоа е нивно доброволно враќање  на територијата на државата. Ние имавме неколку оперативни  акции ќелија 2, ќелија 3,  коишто се однесуваат токму на повратниците од Сирија, од Авганистан и од Ирак, луѓе коишто учествувале во тие воени конфликти за коишто постоеше доказ дека навистина учествувале во нивните странски војски и коишто биле активни чинители во воените подрачја. Така што, тоа е сериозен предизвик за секоја од државите  и сериозен предизвик е и за нашата држава. Меѓутоа капацитетите од ден во ден јакнат во овој поглед и така да  можеме успешно да се справиме со  секој од овие  предизвици.

Значи конкретно кога се враќаат – тие што се вратиле или тие што ќе се вратат –  што се случува, која е процедурата  одат директно во затвор или прво им се суди? Што  се  случува точно  чекор по чекор со тие луѓе кога ќе се вратат во Северна Македонија?

Значи луѓето коишто се наоѓаат на воените подрачја и за коишто постојат докази дека учествувале во  вооружените конфликти, биле дел од странски војски итн.  нормално низ една процедура, низ една кривична постапка во  државата кога ќе бидат вратени  се спроведува таа постапка, значи се изведуваат и пред надлежен суд, се работи со надлежниот обвинител и на основа на тоа се определуваат  идните мерки коишто  ќе ги одлучи судот дека  треба да бидат донесени, дали е тоа  притвор, се води истрага итн. Тоа е едниот дел. Меѓутоа има и лица коишто или не учествувале во странските воени служби или биле само на тоа подрачје итн. или нема за нив доволно докази. Тоа се категории на луѓе со коишто треба да се работи на поинаков начин сѐ со цел да се развие таа  програма веќе за ресоцијализација и за дерадикализација нивна во македонското општество.

Околу тие што одат во затвор, знаеме дека ситуацијата  во затворите е лоша кај нас, меѓутоа секаде и во светот затворите се извор на радикализација  сами по себе  и немам сознанија дека  ситуацијата во македонските затвори  е подобра отколку да речеме во белгиски или француски затвори. Има ли програми внатре во затворите за дерадикализација, да се внимава да не радикализираат други затвореници  итн.?

Ние имаме би рекол помал предизвик заради тоа што имаме и помал број на луѓе  за разлика од другите држави каде што имаме огромен број на луѓе коишто учествувале во воените подрачја. Меѓутоа секако дека и таа бројка која што се наоѓа во  македонските затвори  е и те како би рекол потенцијална за да може и да радикализираат други  структури, да имаат  контакти со надворешниот  свет  итн. И во тој поглед во рамките на  капацитетите со коишто располагаат македонските затвори, знаете дека надлежност над затворите имаат Министерството за правда и Агенцијата за  извршување на санкции. Тие преземаат мерки  и во делот на спречување на комуникациите пред сѐ, интернет комуникацијата  на основа на која што може да се шири таа нивна верска  идеологија за  радикализација итн.  и на тој начин да  успеат да се справуваат со  овој предизвик. Меѓутоа  факт е дека мора многу повеќе да се работи на развој на  такви програми и во самите затвори.  Таму сигурно дека постојат  оддели коишто работат со  затворениците, оддели коишто работат и на нивната ресоцијализација. Прашањето е дали е тоа  доволно. Мислам дека  не е доволно. Мислам дека треба државата да направи многу повеќе  во овој дел  и затоа и ова што го правиме  и со потпишувањето на  акциските планови, на протоколите и на  јакнењето на државните капацитети во справувањето со борбата со тероризмот,  е всушност во таа насока  да во сите институции  се створат доволно капацитети за  да можеме да се справуваме со  овие ризици и предизвици.

Рековте, објаснивте дека Северна Македонија е клучна во спречувањето на терористички напади, дека нема ризик во самата земја, ризик од напад, меѓутоа дека сме клучни од геостратешка гледна точка. Има ли сега со новиот наплив на мигранти коишто доаѓаат од Грција и поради ситуацијата во Турција некаков безбедносен ризик?

Геостратешката  положба на РСМ, па и на државите во  опкружувањето  ни нудат многу поволности,  многу придобивки заради добрите конекции, заради  пристапноста, важноста на целиот овој регион. Меѓутоа паралелно со тоа одат и сите овие ризици и предизвици коишто се од аспект на  безбедноста и не само тероризмот или можноста да имаме луѓе коишто се поврзани со тероризмот, туку и организираниот криминал, транснационалниот криминал, движењето на трговија со луѓе, трговија со оружје, трговија со дрога итн. сето тоа е потенцијална опасност за државата, за регионот и тоа е предизвик со којшто се справуваме ние како институции, а секако дека миграцијата сама по себе една би рекол опасност која што видовме како може да се одрази на државата, имајќи во предвид бројот на мигранти коишто  поминаа низ државата  со оглед на нашата големина итн., тоа само ни го потврдува фактот дека е многу голем предизвик за да може успешно да се справите  со тој феномен.  Ние успешно се справивме во тој момент и од тој момент наваму сме насочени како институции комплетно во јакнењето на капацитетите за справување со било каков  евентуален нов мигрантски  бран.  Ние имаме состојба во која што  сме добро поставени, формиравме посебна национална  група би рекол која што се занимава односно национална единица која што е за борба против  миграцијата илегална и трговијата со луѓе и тоа дава резултати. Ние  секојдневно се справуваме со  мигранти коишто сакаат да влезат на територијата на  РСМ. Меѓутоа во овој период целосно немаме  сериозно зголемување на таа бројка. Дури во август месец има намалувањето на бројот на  обиди за влез илегален во државата и се одржува некој баланс би рекол, некоја бројчана состојба која  што била и во претходниот  период.  Многу ќе зависи функционирањето на  Договорот ЕУ  и  Турција  и доколку тој договор функционира  на овој начин како што функционира и сега, нема би рекол поголема опасност дека  можеме да имаме нов мигрантски бран. Меѓутоа ние мораме да останеме будни, мораме институциите да ги држиме  на едно високо ниво на  подготвеност,  се со цел ако дојдеме во ситуација да имаме нов мигрантски бран,  да можеме да се справиме со тој.

Се сретнавте во Брисел и со  директорот за проширување господинот  Даниелсон, добивте ли некои добри вести во однос на датумот  во октомври или е статус кво засега?

Ние разговаравме за напредокот којшто го имаме направено во  институциите, напредокот којшто го имаме направено  во МВР, го информирав за реформите  коишто сме ги направиле, коишто се функционални, како функционираат итн.  Заедно констатиравме дека  е направен огромен исчекор напред во однос на реформските приоритети на Владата на РСМ  и дека секојдневно се прави чекор  напред кон исполнувањето  на критериумите коишто ќе значат позитивна одлука во однос на отворањето  датумот за преговори.  Секако дека таа одлука ја носи советот и никој не може пред тоа да каже со сигурност дали или каква ќе биде таа одлука. Меѓутоа јас го кажав нашиот став дека за РСМ е многу важно да имаме одлука за отпочнување на преговори и да добиеме датум за почеток на преговори. И тука се согласивме дека врз основа на сето она што е направено во изминатиот период, во изминатите две години, напредокот којшто го постигнавме во однос на, би рекол помирување со соседите, стабилизирање на состојбата во државата, стабилизирање на економски план, многубројните реформи во сите сегменти, дека навистина РСМ заслужено може да очекува да го добие датум за преговори.

Колку евентуално одлагање на оваа одлука би можела да влијае врз соработката на Северна Македонија во вашиот ресор, во делот на миграцијата, во борбата против тероризмот, дали би било тоа ризично за ЕУ доколку Македонија повторно биде одбиена, да речеме да се сврти Северна Македонија кон други  некои блокови?

Видете ние треба да бидеме на чисти во однос  на ова прашање. Наши стратешки национални интереси и приоритети е Македонија да биде дел од европското семејство и Македонија да биде дел од НАТО Алијансата. Прашањето со членството во НАТО е  завршена работа, пред крај, би рекол процедурално да се  поминат сите активности  за да Македонија стане  дел од НАТО Алијансата  и со тој чин практично  ние ја гарантираме и безбедноста и територијалниот интегритет и границите на нашата држава.  И исто така важен приоритет е  членството во ЕУ. Се она што се прави во смисла на  реформи, сите оние активности  коишто ние ги преземаме заедно со ЕУ  се пред сѐ за да тие  европски стандарди и критериуми ги примениме во рамките на македонските  институции. И тоа е многу важно да се воспостави еден таков систем којшто ќе функционира  врз основа на европските пракси и вредности. Затоа е многу важно сите ние и граѓаните да разбереме дека отпочнувањето на преговорите или членството на Македонија во ЕУ не значи ништо друго, туку примена на тие мерки и стандарди коишто се во европските земји, членките на ЕУ да бидат и во нашата држава. Така што во овој момент сите сме насочени како Влада да што е можно повеќе разговараме во однос на постигнувањата коишто ги имаме и дека навистина е многу важно, не само за РСМ, не само за нашите граѓани, дека е многу важно за целиот тој регион како порака да се испрати дека навистина тоа што се прави се цени и на основа на тоа се добиваат и резултати. Одлуката за почеток на преговори, на датум за преговори навистина ќе значи една силна порака и до нашите граѓани да продолжиме уште повеќе  да ги мотивира институциите, да се мотивира администрацијата да работиме на примена на овие стандарди. Ќе се прати порака и до целиот тој регион на Западен Балкан  таканаречен се со цел  и таму да се преземаат храбри чекори и мерки да се затворат сите отворени прашања коишто нашиот регион го прават нестабилен и на крајот од краиштата  ќе се прати една порака која што  ќе го јакне и кредибилитетот на самата ЕУ.

И за крај прашање за актуелната тема – Рекет. Сметате ли  дека Фросина Ременски треба да биде исклучена од партијата со оглед на тоа дека е сега осомничена  во овој случај и дали очекувате други членови на вашата партија да се открие дека се инволвирани?

 Видете  многу е важно целиот овој случај  да има  завршница.  Секој еден којшто  е дел од каков било акт којшто е осомничен  итн. да се поведе постапка, да се изведе пред лицето на правдата да се докаже тоа што е моментално сомнеж итн. и да покажеме дека РСМ има капацитет да се справува и со овие прашања. Некогаш беше незамисливо да се разговара за кривично правна одговорност за  кој било член на Влада, директор, пратеник  итн. во институциите, сега гледате дека полека ,но сигурно  се гради тој систем, па почнуваме да разговараме  не само за одговорност на бившите функционери, туку за одговорност и за оние коишто денеска се дел од институциите. Партијата ќе разговара во однос на  прашањето и во однос на  односот  на Фросина Ременски  односно случајот со Фросина Ременски.  Јас сакам да се почитува нели пресумпцијата на невиност, меѓутоа ние мораме на основа на тоа да носиме и соодветни одлуки во рамките на партијата. Така да очекувам дека таа дебата ќе се отвори во партијата. Инаку јас само очекувам  институциите на системот да работат и секој еден којшто учествува не само во овој случај, туку секој еден којшто учествува во криминални активности за што било во кој било случај, во било која институција да мора да ја сноси одговорноста, затоа што на таков начин ние праќаме силна порака до граѓаните дека прво правдата нема да биде селективна, дека сите процеси ќе се водат транспарентно, дека институциите на државата имаат капацитет да се справат со вакви ситуации и на крајот од краиштата да ја пратиме клучната порака како граѓани на РСМ дека сме определени сериозно да се избориме против криминалот и корупцијата. Тоа е нешто што од нас во овој момент се  очекува, чесните, одговорните граѓани на оваа држава да ги  победат оние коишто се нечесни и коишто учествувале во криминални активности.

Треба да знаете
Последни објави