Search

Спасовски ги прими младите олимпијци кои освоија медали на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки

Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, ги прими учениците основци, кои во рамките на 16-тата Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки во декември во Доха, главниот град на Катар, освоија две сребрени и три бронзени медали.

Премиерот Спасовски на учениците, кои беа придружувани од своите ментори, како и од претставник на родителите, им честита за големиот успех потенцирајќи дека образованието е едно од најважните прашања на кое треба да му се посвети огромно внимание и низ разговори да се решаваат сите пречки за напредок и остварување понатамошен успех.

„Чест ми е што се среќавам со вас олимпијци, кои го покажувате вашиот квалитет на меѓународни натпревари. Нè правите горди, ни покажувате дека имаме потенцијал за кој вреди да се бориме да го задржиме тука, во нашата земја“, им се обрати премиерот Спасовски на учениците Матеј, Теона, Стефан, Никола, Емилија и Мајкл.

На средбата беше констатирано дека се потребни соодветни системски решенија во областа на образованието, кои, како што беше нагласено од заменичката на министерот за образование, Елизабета Наумовска, веќе се динамизираат и дека се преземаат чекори за решавање на детектираните проблеми.

Беше изразено задоволство од фактот дека Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), како и Агенцијата за млади и спорт, учествува со финансиска поддршка на талентираните ученици што настапуваат на натпревари.

На средбата премиерот Спасовски истакна дека ќе се заложи за постигнатиот успех на учениците што достојно ја претставуваат нашата земја да следува соодветна поддршка и награда од Владата.

Треба да знаете
Последни објави