Search

Спасовски во работна посета на СВР Штип: Безбедносната состојба е стабилна

Безбедносната состојба на подрачјето на СВР Штип е добра и видливи се резултатите на полициското работење во последните три месеци, а во наредниот период предвидуваме и низа активности за натамошно подобрување на резултатите, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по денешната посета на СВР Штип.

„Во овој период имаме значително подобрување на територијата на целата држава во поглед на намалување на сообраќајните незгоди, особено оние со тешки последици, во справувањето со нелегалната трговија со дрога, каде речиси секојдневно имаме заплена на дрога и приведување на дилери, спречувањето на илегален влез на мигрантите, како и справување со сите видови на криминал.На состанокот со раководството на СВР Штип бев информиран и за целосната подготвеност на полициските службеници околу спроведувањето на вонредните избори за градоначалник на Штип и можам да ве уверам дека полицијата на највисоко ниво ќе ја заврши својата задача и во овој дел“, рече министерот Спасовски.

Министерот Спасовски имаше средба и со вршителот на должноста градоначалник на Штип Јане Миланов каде исто така тема на разговор беа подготовките за спроведувањето на претстојните избори, но и за соработката на локалната самоуправа со полицијата.

„Постојаната и квалитетна соработка меѓу локалните власти и полицијата, е еден од оние основни предуслови, не само за партнерско делување во врска со низа заеднички интереси, туку и за постигнување ефективни резултати во личната безбедност и сигурноста на граѓаните, во одржувањето на јавниот ред и мир, во заштитата на материјалните добра. А токму Штип е пример за одлична соработка меѓу полицијата и локалната самоуправа“, рече министерот Спасовски.

Треба да знаете
Последни објави