Search

„Спартанците“ тагуваат што наместо за Нант, се враќаат во Скопје

Македонската одбојкарска експедиција спакувана го чекаше епилогот од натпреварот меѓу Турција и Финска (2:3) кој им ја кроеше судбината на премиерниот настап на завршницата од ЕП, кое се одржува во четири земји. Турција не им направи услуга. „Спартанците“ наместо од Љубљана да тргнат кон францускиот Нант каде требаше да играат во осминафиналето, се враќаат за Скопје. Македонската експедиција тагува за пропуштената прилика да игра во елиминациската фаза, бидејќи според прикажаното како дебитант во групата Ц можеше и заслужуваше сама да си го трасира патот во нокаут-фазат. Сепак „спартанците“ кои успешно пребродуваа непријатни ситуации за време на подготовките, се горди на прикажаното во групата која се играше во Словенија, каде забележаа две победи против Белорусија и фаворизираниот домаќин Словенија, имаа блескав сет против актуелниот европски првак Русија, пораз кој го одлучија нијанси од Финска, и лош ден  со  слабо издание токму против Турција, која можеше да ги награди за убавиот впечатокот да биде комплетен. Македонските одбојкари тагуваат за пропуштената шанса да настапат како дебитанти и во осминафиналето, но не се разочарани.

Оставија одличен впечаток во дебитантскиот настап на европските првенства. Одиграа над сите очекувања, е ставот на Одбојкарската федерација на Македонија по епилогот во Ц-групата од ЕП.

-Веруваа во себе, дури и по трите почетни порази, си подарија себеси две блескави победи, до завршниот сет во 25. натпревар од групата во “Стожице” беа во игра за осминафиналето во Нант против Франција. Не дочекаа, но ја разбудија нацијата којашто ги бодреше од срце. Нивниот успех не е спорен, не смее да биде сомничаво гледан, ако се знае кои сме, какви сме и од каде доаѓаме – се вели во соопштението на ОФМ.

Може да се тагува, но не премногу, ниту пак предолго. Наредните квалификации се во август, а следното европско за две години. Оваа генерација може уште еднаш да биде на континенталниот собир, а тогаш нема да зборуваме за прв поен, прв сет или прва победа. Тогаш ќе зборуваме за прво осминафинале, очекуваат во федерацијата.

Треба да знаете
Последни објави