Search

Со топови вода и солзавец растерана група демонстранти на Комунистичката партија во центарот на Атина

Со топови вода од специјалните цистерни на полицијата и со солзавец и шок бомби, грчката полиција го прекина протестот и ја растера групата демонстранти, меѓу кои поголемиот дел беа членови од Комунистичката партија и се собраа во центарот на Атина за да ја одбележат годишнината од студентскиот бунт против хунтата, јави дописничката на МИА од Атина.

На инцидентите им претходеше барање од надлежниот полицаец на протестот до првиот човек на Комунистичката партија Димитрис Куцубас, демонстрантите мирно да си заминат, бидејќи во спротивно ќе следи интервенција од полицијата, бидејќи протестите се забранети.

Неофицијално, претходно беа приведени околу пет лица на Комунистичката партија, за кои Куцубас бараше да бидат ослободени.

Со одлука на грчката полиција од 15 до 18 ноември забранети се собири на четири или повеќе лица, а членови на Комунистичката партија, не повеќе од 1.000 лица, се собраа во центарот на Атина, придржувајќи се до мерките за заштита од коронавирусот, беа на растојание од најмалку два метри и сите носеа маски.

На друга локација, пратениците на МЕРА25 предводени од лидерот на партијата Јанис Варуфакис, се обидоа да стигнат до амбасадата на САД во Атина, но беа запрени од полицијата, без да се случат било какви инциденти.

Треба да знаете
Последни објави