Search

Со средства од Кинеската амбасада ќе се опреми РТГ Кабинетот во Поликлиниката во Шуто Оризари и ќе се реконструира покривот

Под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо и  директорот на ЈЗУ Здравствен Дом Скопје, Виктор Исјановски денеска потпишаа Договор за донација, во насока на зајакнување на соработката преку директна поддршка на здравствениот систем, а со цел подигнување на квалитетот на здравствените услуги во нашата држава.

Донацијата, како што соопштија од Кабинетот на претседателот, е поттик за натамошно изнаоѓање системски решенија за предизвиците со кои се соочува оваа Поликлиника, како и дел од здравствените установи во општините со поголем процент на ромско население, од аспект на медицински кадар, опрема и соодветни просторни услови, како и за постојано вложување во здравствениот систем и овозможување квалитетни здравствени услуги на сите граѓани подеднакво.

Финансиските средства обезбедени од Кинеската амбасада, во висина од милион и шестотини илјади денари, се наменети за опремување на РТГ Кабинет и реконструкција на покривот на Поликлиниката во Шуто Оризари, што е во состав на Здравствен Дом Скопје. Соработката се официјализираше преку меморандум за соработка меѓу Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Амбасадата на Народна Република Кина во Скопје и Јавната здравствена установа Здравствен Дом Скопје, стои во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави