Search

Со положување цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел започнаа празничните свечености по повод одбележувањето на државниот празник „11 Октомври“

Со положување цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел започнаа празничните свечености по повод одбележувањето на државниот празник „11 Октомври – Ден на народното востание“ во Скопје, Прилеп и Куманово. Во знак на сеќавање и почит за учесниците во народното востание и народно-ослободителната војна делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од заменик претседателот во Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори Кочо Анѓушев, заедно со Нина Ангеловска, министерка за финансии и Дамјан Манчевски, министер за администрација и информатичко општество, положи свежо цвеќе на Партизанските гробишта во Скопје.

Во Прилеп свеченостите за одбележување на празникот ќе се одржат пред споменикот на на Методија Андонов-Ченто и пред  споменикот на Кузман Јосифовски-Питу, како и на Могилата на непобедените. Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија во Прилеп ќе ја предводи министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заедно со Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика и Елвин Хасан, министер без ресор задолжен за странски инвестиции.

Содржините за одбележување на 78 годишнината од денот на народното востание на македонскиот народ против фашизмот и за македонска државност во Куманово ќе започнат со положување свежо цвеќе на Спомен – Костурницата. Владината делегација во Куманово ќе ја предводи Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заменик претседателот во Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, Арбер Адеми, министер за образование и наука и Зорица Апостолска, министерка без ресор, задолжена за странски инвестиции. Во рамките на свечената програма за одбележување на државниот празник „11 Октомври – Ден на народното востание“ во Куманово е предвидено и обраќање на премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и членови на Владата ќе присуствуваат и на свеченоста во Собранието на Република Северна Македонија по повод доделувањето на високата државна награда „11 Октомври“.

На сите свечености по повод одбележувањето на државниот празник „11 Октомври – Ден на народното востание“, ќе земат учество членови на Сојузот на борците, дипломатскиот кор во нашата земја, и претставници на општествените и граѓанските организации во земјата.

Треба да знаете
Последни објави