Search

Со пиштол-запалка ограбувале аптеки

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против скопјаните Ж.М.(33) и Д.Т.(39), осомничени дека ограбувале аптеки и киосци.

Имено, на 28.11.2018 година осомничените, со употреба на сила и закана дека непосредно ќе нападнат врз животот и телото на една оштетена, одзеле 23.000 денари од киоск во Скопје. Притоа, едниот осомничен чувал стража, а другиот употребил метален пиштол – запалка за да и се закани на вработената. По извршеното разбојништво и двајцата избегале во непознат правец.

На 30.11.2018 година на истиот начин се обиделе да извршат разбојништво во аптека, но оштетената вработена во аптеката одбила да им ги даде парите, по што тие се откажале од намерата и избегале.

На 07.12.2018 година, осомничените, маскирани и употребувајќи сила и закана дека непосредно ќе нападнат врз животот и телото на една оштетена одзеле 13.000 денари од киоск и повторно избегале.

На 10.12.2018 година двајцата осомничени извршиле разбојништво во аптека и одзеле 8.665 денари во различни апоени.

На 12.12.2018 година двете осомничени лица се обиделе да ограбат колонијал, повторно заканувајќи се со металниот пиштол – запалка. Вработената на која и ги побарале парите одбила да ги даде, а од под каса извадила дрвена палка, по што тие се откажале од намерата и избегале.

На 17.12.2018 година извршиле разбојништво во аптека, од каде одзеле 14.200 денари со намера противправно да ги присвојат.

Со оглед на тоа што постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и опасност да ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците и дека ќе го повторат кривичното дело, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основен суд Скопје 1 Скопје за едниот осомничен достави Предлог за определување мерка притвор, додека за другиот – Предлог за определување мерка куќен притвор.

Треба да знаете
Последни објави