Search

Со онлајн-предавање за успешната дистрибуција на „Медена земја“ започнува CINEIndustry филмскиот маркет

Асоцијацијата на филмски дистрибутери на Македонија заедно со Фестивалот на европски филм „Синедејс“ од утре до 30 ноември го организираат дистрибутивниот маркет CINEIndustry. Маркетот ќе се одржи во хибридна форма – дел од програмата ќе оди во живо во Младинскиот културен центар, а дел – онлајн.

Во шесте дена колку што ќе трае маркетот ќе бидат организирани панел-дискусии, презентации, мастер-класи, пичинг-сесии. Ќе разговараме за актуелните проблеми со кои се соочуваат дистрибутерите и ќе го опфатиме целиот дистрибутивен синџир, а исто така ќе ги претставиме најновите домашни филмски проекти во развој на потенцијално заинтересирани агенти за продажба и дистрибутери.

На тема „Успешната дистрибуција на филмот „Медена земја““, продуцентот Атанас Георгиев утре во 15 часот ќе одржи онлајн-предавање за успехот на кинодистрибуцијата на најуспешниот документарен филм во Македонија. Настанот ќе биде пренесуван во живо на интернет-страницата shorturl.at/hCHN4 и фејсбук-профилот на CINEIndustry Film Market,  како и на фејсбук-профилот на Младинскиот културен центар од Скопје. Слушнете ги тајните за дистрибуцијата на „Медена земја“, документарецот што освои три награди на Санденс филм фестивал 2019 година и влезе во оскаровската историја, со тоа што стана првиот документарец номиниран за најдобар странски филм и документарен филм во иста година на наградите на Американската академија.

На 26 ноември ќе следува панел-дискусија на тема „Кинодистрибуцијата на филмовите во време на глобална пандемија – проблеми и предизвици“. Зад нас е тешка, претежно виртуелна година. Во услови кога целата филмска индустрија е во криза поради ситуацијата со Ковид-19, овој настан е важен зашто ќе придонесе на едно место да се слушнат мислењата за различните елементи што ја сочинуваат дистрибуцијата, нешто што речиси не се дискутира во изминатите неколку месеци. Се надеваме дека дискусијата ќе биде првиот чекор за конструктивни решенија за иднината на дистрибуцијата во земјава.

На дискусијата што ќе се одржи на 26 ноември во 11 часот во Џебното кино во Младинскиот културен центар, ќе учествуваат: Маргарита Арсова (Младински културен центар), Игор Мраков (Cineplexx MK), Јулијана Кузмановска (MCF MKD) и Огнен Антов, продуцент (Dream Factory). Модератор ќе биде Сребра Ѓорѓијевска.

Наредниот ден (петок) во 14 часот ќе следува презентација на Меѓународната федерација на асоцијации на филмски дистрибутери, што ќе ја одржи Алина Попеску, генерален секретар на ФИАД. Многу филмски наслови си го бараат својот дом. Никогаш не било толку тешко да се купи и продаде филмови отколку во оваа година кога самата иднина на дистрибуцијата е отворено прашање. Попеску ќе одржи онлајн-презентација за работата на ФИАД и предизвиците на дистрибутерите во Европа во овие предизвикувачки времиња и планираните стратегии и мерки за помош на филмската индустрија.

На 28 ноември во 12 часот ќе се одржи предавање на тема „Сè што сакавте да знаете за онлајн-дистрибуцијата, но никогаш не сте се осмелиле да прашате“. Ќе зборува Саша Станишиќ, режисер и главен координатор на Cinesquare.net, единствената македонска Video on Demand (VoD) платформа. За време на пандемијата, „Синесквер“ беше домаќин и сè уште е домаќин на неколку онлајн-фестивали и онлајн-настани и филмски премиери.

На 29 и 30 ноември ќе се одржат пичинг-сесии на наши филмски режисери и продуценти со одобрени проекти, кои ќе имаат прилика да разговараат со филмски агенти за продажба.

CINEIndustry се реализира со поддршка на Министерството за култура.

Треба да знаете
Последни објави