Search

Со новиот буџет повисоки плати за лекарите и наставниците

Повисоки плати за лекарите специјалисти за 10 проценти од јануари 2019 година и за 5 проценти повисоки плати за вработените во здравството, образованието, градинките, одбраната, државната администрација, полицијата и правосудството од септември 2019 година. Ова е предвидено со Предлог-Буџетот за 2019, кој денеска во Министерството за финансии беше јавно презентиран пред синдикатите, коморите, невладиниот сектор, експерите и медиумите.

„Вложуваме во подобро јавно здравство. Целта е најдобрите лекари, граѓаните да ги бараат во јавното, а не приватното здравство. Целта е да обезбедиме подобри здравствени услуги за сите. Сакаме да ги мотивираме здравствените работници. Знаеме дека работите не се менуват од денес за утре, но мора да се започне. Ние започнавме оваа година и продолжуваме посилно во 2019 година. Во Буџетот за 2019 година имаме обезбедено и средства за покачување на платите во образованието, како и вработените во градинките и детската заштита. Со цел градење на поефикасна и помотивирана јавна администрација планирано е покачување на 5% на платите на администрацијата, од септември 2019 година. Планирана е и реформа на јавната админстрација во 2019 година. Целта е да се подобрат јавните услуги. Јавната администрација ќе биде клучен носител на преговорите за присапување кон ЕУ и НАТО“, рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Министерот за финансии истакна дека Буџетот за 2019 година е социјален, но и развоен. Во Буџетот е предвидена реформа во системот на социјалната заштита преку воведување на Минимален гарантиран приход и Семеен пакет на права. Со ова се олеснува пристапот до социјален надоместок на постојните 24.000 домаќинства кои во моментот се приматели на социјална помош, но се создава можност и за дополнителни 11.000 домаќинства. Предвидено е и воведувањето социјална пензија која ќе опфати околу 6.000 лица кои имаат барем еден работен ден стаж и наполнети 65 години и која ќе изнесува 40% од просечната исплатена пензија.

„Се воведува образовен и детски додаток за повеќе од 60.000 деца. Новиот систем на социјална и детска заштита има за цел најголема помош да им се пружи на најранливите категории на граѓани. Неговата имплементација ќе придонесе за извлекување на најранливите граѓани од сиромаштија. Паралелно, ќе се спроведат интензивни мерки за подготовка и активација на овие категории на граѓани во пазарот на труд. Воведувањето на реформиран систем на социјална и детска заштита во 2019-тата година значи обезбедување на дополнителни 2,2 милијарди денари по овој основ“, рече министерот за финансии.

Предвидена е и историски највисока сума за активни мерки за вработување, во износ од 1,1 милијарди денари. Ова е, како што посочи Тевдовски, пораст за 10% во однос на 2018 година, а разликата во однос на претходните години е повеќекратно повисока. Износот во 2019 година е двојно повисок во однос на 2016 година, или три пати повисок во однос на 2014 година.

Како што истакна министерот за финансии, зголемувањето на конкурентноста на приватниот сектор, останува еден од приоритетите на Владата. Во Буџетот за 2019 година, предвидени се средства за мерките за поддршка на нови инвестиции, извозот и освојување на нови пазари, нови вработувања, поддршка на малите и средни претпријатија, иновативноста, технолошкиот развој и странските инвестиции во ТИРЗ. Станува збор за речиси 3 милијарди денари, или за 40% повеќе во однос на годинава.

За капитални проекти предвидени се 25,7 милијарди денари во Буџетот, во оваа сума не се вклучени поголем дел од патиштата, предвидени во буџетот на Јавното претпријатие за патишта. Инвестициите во патна и железничка, комунална и енергетска инфраструктура се повеќе од 40% од вкупните планирани капитални расходи во Буџетот за 2019 година. Како позначајни проекти се железничката пруга на Коридор VIII – делниците Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка, реконструкција на железничката пруга на Коридор X, патната делница Градско – Дреново, реконструкција на локални патишта, интензивирање на активностите околу првата фаза од Националниот гасовод делница Штип – Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар, изградба на водоводни и канализациони системи на општините и други проекти.

Во Буџетот за 2019 година се имплементирани и даночната и пензиската реформа. Се очекува фискален ефект од 1,5 милијарди денари од воведувањето на преведен даночен систем. Пензиската реформа, како што посочи Тевдовски ќе придонесе за стабилизација на пензискиот систем, неговата оддржливост и намалување на дефицитот во пензискиот фонд, без при тоа да се зголеми старосната граница при пензионирање.

Планираниот буџетски дефицит е 2,5 проценти од БДП или 0,2 процентни поени од 2018 година или за половина милијарда денари помалку.

Треба да знаете
Последни објави