Search

Со концерт на Архангел на 11 октомври почнува „Таксират“

Со концерт на Архангел на 11 октомври во СЦ „Борис Трајковски“ почнува 22. издание на фестивалот „Таксират“.

„Со целовечерен концерт на Архангел, под мотото 30 години љубов, започнува официјалната музичка програма на фестивалот ‘Таксират’, кој повеќе од 20 години ја отсликува убавата страна на градот и игра значајна улога во градење на културата на нашите простори“, велат од Пасворд продукција.

Само една недела подоцна, на 23 октомври, програмата продолжува со соло концерт на Страјк.

Билетите се достапни онлајн и низ дистрибутивната мрежа на MkTickets.

Согласно протоколот за реализирање на настани во затворен простор, билетите се строго ограничени и исклучиво за седење, а салата е соодветно приспособена за одржување на настан според сите мерки наведени во протоколот. Задолжително е носење на маска, дезинфекција и одржување растојание во текот на целиот настан

Во рамките на „Таксират“ ќе се одржи и седмото издание на првата и единствена музичка конференција – ПИН. Со поддршка од Делегацијата на Европската Унија, годинава, ПИН ќе се одржи во три програмски денови, од 26-28 ноември, на бројни локации низ Скопје.

Годинашното издание ќе биде фокусирано на здружување на силите на најдобрите и најновите музички таленти од регионот, Европа и Македонија, како и најрелевантните имиња во музичката индустрија – промотори, менаџери, музичари, новинари.

„Преку конструктивни панели и дискусии, ќе се обидеме да најдеме релевантни решенија и начини на кои можеме да влијаеме врз подобрување на состојбата во музичката индустрија, која е една од најпогодените гранки од корона вирусот“, велат организаторите.

Поради ограничениот капацитет, задолжителна е претходна регистрација за конференцијата.

Треба да знаете
Последни објави