Search

Со измените во системскиот Закон за одбрана, одлуката за НАТО операции ќе ја носи Владата

Влегуваме во последната фаза на ратификации на протоколот за наше полноправно членство во НАТО и во фазата на последни чекори пред нашето исполнување на обврските, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, посочувајќи дека еден од тие чекори е и носењето измени и дополнувања на Законот за одбрана. Според неа, со измените во Законот за одбрана како држава покажуваме дека веќе не сме сами и оти од самоодбрана преминуваме во еден колективен систем на одбрана во кој нападот на која било членка на НАТО, значи напад на сите и значи дека сите би се мобилизирале за помош.

– Истиот принцип го вградуваме и во нашиот Закон за одбрана и предвидуваме многу јасна процедура на каков начин може нашата држава да побара помош од НАТО, барање за реакција на НАТО, а и на каков начин ние ќе ги носиме одлуките за учество во одредени НАТО операции, информира Шекеринска на денешниот брифинг со новинарите. Најголемата промена во Законот за одбрана се состои во тоа дека одлуката за учество во операции на НАТО ќе ја носи Владата, а секоја година ќе поднесува целосен извештај за учество во сите операции до Собранието. Сите останати мисии од типот на ОН, учество во мисии на ЕУ, појасни таа, остануваат и понатаму да се одлучуваат по сегашната постапка. Тие се предлог на Влада, а понатаму стануваат точка на дневен ред и на Собранието. Во Законот се предвидува и можни учества во мисии не само на припадници на Армијата, туку и на луѓе од целиот одбранбен сектор. Така на пример се отвора можност и лекар, кој доброволно би се пријавил од резервниот состав со дополнителна обука да може да отиде во мисија. Со измените се прецизира и правичната етничка застапеност, но уште поважно првпат се води сметка и за родовата перспектива, но и за модерните безбедносни закани како што е критичната инфраструктура.

Инаку, Законот за одбрана е системски и се носи со двотретинско мнозинство. Во таа насока, информира Шекеринска, со најголемиот дел од пратеничките групи во Собранието веќе комуницирале на оваа тема и следната недела кога треба да почне расправата по ова прашање, таа очекува плодна дебата, широк консензус и двотретинско мнозинство.

– Нашата држава стигна до овде, да биде на крај на ратификациониот процес. Ја добивме поканата во 2017 година заради тоа што покажавме дека тоа што ќе го ветиме го исполнуваме и дека сме партнер на кој можат да се потпрат. Немаше ниту една најава и ниту една обврска која што ја преземавме, а досега да не покажеме дека имаме капацитет како држава да ја реализираме. Сакам и оваа законодавна обврска целосно да ја завршиме пред Самитот во Лондон и убедена сум дека и на тој начин ќе го изградиме впечатокот дека нашата држава е кредибилен партнер на НАТО, истакна министерката за одбрана.

Не сме најголемата, не сме најбогатата членка, ќе бидеме најновата членка на НАТО, потенцира Шекеринска, но верувајте дека во изминатата година успеавме да го промениме ликот, имиџот и впечатокот за сите наши институции, дека не даваме нереални ветувања, никого не лажеме, никого не го манипулираме и оти имаме капацитет да седнеме на маса со најмоќните и најбогатите држави во светот.

На брифингот со новинарите Шекеринска најави континунирано зголемување на буџетот за одбраната согласно НАТО стандардите, но и зоглемување на процентот на средствата наменети за модернизација на опремата за Армијата и за инфраструктурните објекти. Најави дека до крајот на годината треба да биде потпишан договор меѓу владите на нашата држава и на САД  во вредност од 150 милиони американски долари за модернизација, плус 30 милиони американски долари донација од САД за периодот од 2019 до 2024 година. Во следниот одбранбен буџет планирано е и трикратно зголемување на инвестициите во инфрастрктурните објекти.

Меѓу другото, во рамки на реформскиот процес и средување на состојбите се намалува и бројот на вработени во одбраната и тоа од затекнати 900, за две голдини бројот е намален на 800, од кои само 350 работеле во регионалните канцеларии. Се планира и пакети за пензионирање, со цел да се направи подмладување на војската. Во таа насока, мора да се спомене дека лани и годинава се примени 500 војници, а до крајот на оваа година се очекува да бидат примени уште 125. Се преземаат и мерки за усогласување со Законот за класифицирани информации, за што согласно НАТО обврските, од досегашните 1.500 лица кои имале НАТО безбедносни сертификати, бројот е намален на околу 250.

Треба да знаете
Последни објави