Search

Со донаторска гала-вечера одбележани десет години од постоењето на Македонија2025

Невладината меѓународна организација Македонија2025 го прослави своето десетгодишно постоење, со организирање на донаторска гала-вечера на 8-ми ноември.

Пред публика составена од преку 400 гости, видни претставници на бизнисот, академијата, како и дипломатскиот кор, беа презентирани програмите за развој на лидерски вештини, економски развој, како и поврзување со бизнис дијаспората. Вкупните вложени средства во програмите за лидерски развој се еден милион долари, а средствата вложени за поттикнување на економскиот развој на земјата се три милиони долари.

Во улога на копретседавачи на настанот беа Ана Арсов, Марта Арсовска Томовска, Јана Марин, Никица Мојсоска Блажевски, Ангелка Пеева Лауренчиќ и Вера Ставроф, кои со својот волонтерски ангажман, придонесоа за успешниот настан. Гостите донираа кон новоформираниот Фонд за талентирани студенти од ранливи категории наречен „Таленти денес – лидери утре“ при што беа собрани седумдесет илјади долари, кои ќе бидат искористени за годишни стипендии во вредност од илјада евра на десет студенти во текот на четири години, како и за ментроски програми, обуки за личен и лидерски развој, платена пракса, техничка опрема, како и за учество на меѓународни научни натпревари.

Донаторската гала-вечера ги прослави филантропијата и волонтерството преку инспиративните говори на светски познатите активисти Кетрин Константинидес – познат претприемач, општествен активист и поранешна Мис на Јужна Африка и Ана Дивац – соосновач на фондацијата Ана и Владе Дивац од Србија.

За првпат годинава, беше доделена и интернационална награда за филантропија „Џон Битов Постариот“ која го носи името на еден од најпознатите филантропи во Канада од македонско потекло. Наградата ја доби еден од основачите и донаторите на Македонија2025 – Мајк Зафировски, за сето она што тој го направил за Македонија како привлекување на странски инвестиции, промоција на земјата ширум светот, стипендирање на врвни македонски менаџери за престижната Kellogg School of Management – САД, како и за целокупниот придонес во ширење на етичкото лидерство како основен столб за здраво и просперитетно општество.

На гала-вечерата беа врачени и плакети на благодарност за луѓето и компаниите кои ѝ возвратиле на Македонија и ја поддржиле организацијата во изминататите десет години.
Повеќе за десетгодишните достигнувања на Македонија2025 на следниот линк.

Треба да знаете
Последни објави