Search

Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија домаќин на ЦИОФФ за Јужна Европа

Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија-СОФАМ од денес до 20 мај, во Битола  домаќин е на претставници на фолклорни асоцијации од 15 држави во Европа, членки на Светската фолклорна организација-ЦИОФФ, сектор Јужна Европа.

На работните средби во Битола учествуваат 45 гости, претставници од Албанија, Азербејџан, Србија, Бугарија, Црна Гора, Грција, Кипар, Северен Кипар, Хрватска, Босна и Херцеговина, Шпанија, Италија, Португалија и Франција, најави претседателот на СОФАМ, Антонијо Димитровски.

-За прв пат во нашата држава се одржува толку висококвалитетен меѓународен собир за чија организација лобиравме подолго време, а главен адут во преговорите беше нашиот македонски фолклор познат насекаде во светот. Одлуката на ЦИОФФ, секторската средба на државите од Јужна Европа да се одржи во Битола е редок настан и посебно значаен бидејќи во градот ќе престојува и претставничката на ЦИОФФ во УНЕСКО, Магдалена Товорник од Словенија, потврди Димитровски.

Според програмата, учесниците ќе дебатираат за повеќе теми од интерес на фолклорните групи и друштва во Јужна Европа, а ќе се изврши и избор на ново раководство, план за работа и утврдување на ЦИОФФ фестивали за наредниот период.

-Во рамки на програмата и во чест на гостите од странство, утревечер во големата сала на НУ Центар за култура-Битола ќе се одржи концерт на кој ќе настапи Здружението фолклорна група „Копачка” од село Драмче, Делчево кои ќе го одиграат познатото македонско оро „Копачката” кое како што е познато во 2014 година беше прогласено за национално културно богатство и е впишано во УНЕСКО како светско нематеријално културно наследство. На концертот закажан за утревечер ќе настапат и Фолклорниот ансамбл „Китка” од Истибање, ансамблите „Никола Јонков Вапцаров”, „Ибе Паликуќа”  и „Скопје” од Скопје, ансамблот „Бојмија” од Гевгелија, и КУД „Илинден” од Битола, културно уметничко друштво кое со орото „Комитско” секоја година го отвора фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови”, односно фестивалот кој е единствен од нашата држава со сертификат од ЦИОФФ, истакна Димитровски.

За гостите од странство домаќинот СОФАМ ќе организира посета на Националниот парк „Пелистер”, античкиот локалитет Хераклеја Линкестис, а в недела ќе го посетат Охрид, град на УНЕСКО.

Треба да знаете
Последни објави