Search

Сореца со смирувачка изјава до албанските граѓани по одлуката на холандскиот Парламент за визите

Еден ден откако холандскиот Парламент одлучи да побара суспензија на безвизниот режим со Албанија, амбасадорот на Мисијата на Европската унија во Тирана, Луиџи Сореца, упати смирувачка изјава до албанските граѓани, нагласувајќи дека за ЕУ ништо не е сменето и искажувајќи убедување дека албанската Влада ќе преземе мерки за зачувување на визната либерализација.

Сореца изјави дека треба да се чека декември 2019 година, кога Европската комисија ќе оцени дали Албанија успеала да ги исполни условите за визната либерализација. Дотогаш слободното движење на Албанците во Шенген зоната, според него, нема да се промени.

– Во моментов ништо не е сменето, што беше јасно кажано и од холандската Амбасада, а тоа значи патување без визи во земјите на Шенген зоната. Дозволете ми да кажам дека ги повикуваме и албанските и холандските влади да продолжат со соработката, во важни области, како што се борбата против нерегуларната миграција и организираниот криминал. Убеден сум дека албанските власти ќе ги преземат сите потребни мерки за да се задржи безвизниот режим, изјави Сореца.

Тој посочи дека Холандија ќе треба со факти да ја докаже поврзаноста на организираниот криминал со безвизниот режим.

Холандскиот Парламент вчера усвои предлог со кој и се налага на Владата на земјата да побара од Европската комисија да го суспендира безвизниот режим со Албанија, поради „зголемената активност на албанските криминални групи” во Холандија. Предлогот, за кој гласаа 92 од вкупно 150-те пратеници во Парламентот, беше поднесен од пет парламентарни партии, од кои три се дел од владејачката коалиција.

Треба да знаете
Последни објави