Search

„Сонот на облачето“ – шесто издание на театарот на сенки во МКЦ

Детскиот фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“ годинава ќе го доживее своето 6-то издание во периодот од 17-ти до 19-ти декември на сцената Фросина во просториите на Младинскиот културен центар во Скопје.

Како единствен фестивал од овој тип во поширокиот регион, фестивалот „Сонот на облачето“ успешно придонесува кон интернационална и локална афирмација на театарот на сенки, а воедно е и една од ретките манифестации кај нас што во континуитет прикажува претстави од странска продукција пред детската македонска публика.

На првата фестивалска вечер, на 17-ти декември, со почеток од 19:30 часот, пред аудиториумот ќе се претстави Ана Фабули од Германија, која што ќе го отвори овогодинешниот фестивал со претставата „Кралот Жаба и други љубовни приказни.“

Во продолжение на фестивалското издание, на 18-ти декември, со почеток од 19:30 часот, ќе се одржи премиера на претставата „Алиса и чудата“ во изведба на Teатарот „Сенки и облаци“ од Македонија.

Последната фестивалска вечер ќе ја одбележат три настани. Со почеток од 18 часот, најпрво ќе биде прикажан 5-минутниот анимиран филм „НОДВА“, кој е инспириран од бегалските приказни. Веднаш по него, студиото „Абстракт“ од Македонија ќе ја изведе танцовата претстава „Снежана и седумте џуџиња“. Овогодинешното издание на фестивалот „Сонот на облачето“ ќе биде затворен со изведбата на претставата „Птици“ на германката Мари Донат.

Во текот на фестивалот ќе бидат одржани две работилници за изработка на кукли за театар на сенки, додека во фоајето на сцената Фросина ќе биде поставена изложба на рачно изработени лампи.

Треба да знаете
Последни објави