Search

#СоНеаСме: Сексизмот не е критика

Што е тоа #СоНеаСме? Под овој хаштаг неформално сме здружени повеќе од 100 девојки и жени. Почнавме да делуваме во декември 2019 година, споделувајќи заеднички реакции на родово базираниот говор на омраза што сме го среќавале на социјалните и традиционалните медиуми, што ни беше посочуван од други или од самите жртви, или преку посочување на сексзимот во генералниот јавен дискурс, како во случајот „Јавна соба”.

Родово базираниот говор на омраза охрабрува насилство кон одредена личност или група врз основа на припадноста на одреден род. Интегритетот на жените во јавната сфера како ретко кога е на удар и на локално, и на глобално ниво. Непостоење на систем на казнивост, како и релативизацијата на говорот на омраза што е родово базиран создава услови за ширење на нетолеранција и атмосфера на линч. „Критиката” или осудата кон жените присутни и активни во јавниот живот е речиси секогаш на лична основа, во форма на говор на омраза што најчесто се заснова на коментари со сексуална конотација и родови стереотипи и предрасуди, за разлика од критиките насочени кон мажите што не се повикуваат или поврзуваат со нивниот род. Ова е особено изразено во нашиот контекст, со акцент на традиционалните, и особено социјалните медиуми.

Во една ваква ситуација, она што прво треба сите ние да го преземеме е да покажеме солидарност и да изградиме нови феминистички заедници што ќе се борат и во институцииите, но и секаде каде што се идентификува говорот на омраза во форма на сексистички и мизогини навреди. Една од формите која сметавме дека таа солидарност може да ја заземе е јавно идентификување и повикување на одговорност на сите оние што ги навредуваат и малтерираат жените, особено оние што се дел од јавниот и политичкиот живот. Затоа решивме преку таков вид на здружена и континуирана акција, според заеднички договор, јавно да реагираме секогаш кога една жена е нападната и навредена врз основа на род и родов идентитет и гласно да посочуваме дека таквото однесување е неприфатливо.

Решивме реакцијата со име и презиме да ги именува и жртвата и насилникот, како и да споделиме доказ во форма на слика од говорот. За жал, ваквиот тип на говор е толку нормализиран во јавниот дискурс, што повеќето и не го забележуваат, а често се случувало кога истиот ќе се посочи, да сме обвинувани дека претеруваме, дека нешто не сме разбрале, дека тоа било хумор, итн. Со нашите реакции, сакаме јасно и недвосмислено да ѝ покажеме на јавноста што претставува и како изгледа сексизмот преточен во говор на омраза и вниманието да го свртиме кон оној кој го перпетуира.

Свесни за двојната виктимизација која овој тип на акции можат да ја поттикнат, пред секое дејствување контактираме со жртвата и бараме согласност за реакција и/или заеднички делуваме во таа насока. Нормално, многу девојки и жени не сакаат да бидат изложени во јавноста на ваков начин, па оттука и многу реакции останаа необјавени. Сепак, со оние кои успеавме да ги објавиме, веќе почнавме да влијаеме на де-нормализирање на сексистичкиот говор и не планираме да се откажеме од таа цел. Воедно, на секоја од жртвите ѝ е понудена поддршка, особено преку советување за поведување на постапка, како резултат на што веќе беа поднесени и неколку кривични пријави.

Сосема очекувано, како и со секоја акција поврзана со женски права и феминизам, се среќаваме со многу отпор во јавноста, особено на социјалните мрежи. Овој отпор е често маскиран како грижа, како кадебевтекога или како обвинување дека реагираме селективно. Се случува и јавноста да не е свесна што е всушност родово базиран говор на омраза, па некогаш добиваме и реакции во насока на обвинување дека не реагираме кога е потребно.

Свесни сме дека пред една, две или десет години, имало изобилство на ваков говор, исто како што сме свесни дека не регираме на секој можен коментар, навреда и напад кој се случува во јавниот дискурс. Со оглед на тоа што сме неформална иницијатива, немаме можност, ниту капацитет да го детектираме или реагираме на сиот сексистички говор, кој, за жал, е насекаде околу нас. Но, ја охрабруваме јавноста, и мажите и жените, сами да реагираат во таа насока, исто како што тоа го правиме и ние.

Она што можеме и активно го правиме е да реагираме за оние случаи што сметаме дека јасно прикажуваат што е всушност родово базиран говор на омраза и сексистички говор, и да укажеме во колку различни форми, околности и средини се среќава. Нашите реакции ги тргаат политичките разлики и несогласувања на страна, бидејќи знаеме дека кога ваков говор се користи против една жена, се користи против сите нас, при што сите колективно не’ обезвреднува на личен и професионален план.

Здружени и солидарни, продолжуваме да работиме против секој облик на родово базиран говор на омраза и бараме од институциите со целиот свој капацитет активно да дејствуваат во оваа борба. Во меѓувреме, како и досега, им нудиме безрезервна поддршка на жртвите на ваков тип на говор и ги охрабруваме девојките и жените од јавната сфера да продолжат да го кршат мразот, знаејќи дека не се сами.

Треба да знаете
Последни објави